На прашањето од колкава важност е обдукцијата на жртвите, со оглед на тоа што кај дел од семејствата на починатите постоеше негодување, раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, вели дека во масовни несреќи како оваа, обдукцијата, пред сè, е важна за идентификација на жртвите, но и за да се одреди точната причина за смртта
Задушување е причината поради која настапила смртта кај сите 59 починати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, покажа обдукцијата. Причината за смртта е насилна – настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката, изјави на прес-конференција раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, кој информираше за спроведената обдукција на починатите.

„Вкупно се обдуцирани 59 лица. Најголем број од нив, односно 70 отсто, се на возраст од 16 до 27 години. Од починатите 16 се припаднички на женскиот пол, а 43 се мажи. Кај сите 59 настрадани причината за смртта е насилна и е настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката. Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај тројца имаше изгореници од четврти степен, меѓутоа причината за смртта ка јсите е задушување“,
изјави раководителот на Институтот за судска медицина.
Кај четворица се констатирани скрешници на ребра и задушување од притисок при настанатото стампедо.
Во моментов се работат токсиколошките анализи за да се утврди што е присутно во крвта на починатите, иако, како што рече Станков, според направениот макроскопски наод за време на обдукциите е утврдено дека кај најголем дел од нив има присуство на јаглерод моноксид.
Раководителот на Судска медицина објаснува дека јаглерод моноксид е многу опасен гас – без мирис и вкус, кој делува на централниот нервен систем, ги онеспособува жртвите и смртта може да настане многу брзо, за неколку минути, во зависност колкава е концентрацијата на гасот.
„Во таков простор со таков чад при дејство на јаглерод моноксид многу брзо може да настапи смрт и да ги онеспособи жртвите да избегаат. Значи постои главоболка, повраќање, вртоглавица, бессознание, дезориентираност, парализа на мускулите за неможност за движење. Притоа, треба да се земе предвид амбиенталното задушување бидејќи пламенот којшто гори го троши кислородот па покрај влијанието на јаглеродот моноксид имаме и влијание на намаленото количество на кислород“,
вели Станков.
На прашањето од колкава важност е обдукцијата на жртвите, со оглед на тоа што кај дел од семејствата на починатите постоеше негодување, Станков вели дека во масовни несреќи како оваа, обдукцијата, пред сè, игра важна улога во идентификацијата на жртвите, но и да се одреди точната причина за смртта.
„Привичната идентификација на жртвите беше вршена во болниците каде што беа жртвите, меѓутоа таму се вршеше идентификација со помош на препознавање и лични документи пронајдени кај починатите, но тоа е само ориентациона метода. Во услови на стрес и на ваква динамика тие методи не се доволно доверливи и може да се случат намерни или ненамерни грешки. Затоа, една од целите на обдукцијата беше да се изврши идентификација. Затоа е обдукцијата важна. Тоа е и еден вид собирање на материјални докази – да се одреди причината за смртта, дали има други повреди, дали причината за смртта е поврзана со настанот“,
вели раководителот на Судска медицина.
Станков додаде дека идентификациите се вршени според протоколите на ИНТЕРПОЛ и препораките на ЕУ, а во соработка со МВР е направена идентификација со два метода – со ДНК-анализа и со дактилоскопија.
Сите извештаи од направените обдукции на починатите, како што рече, се очекува да бидат завршени во текот на март, а потоа ќе му бидат предадени на надлежното јавно обвинителство.