Кардиналите ќе се соберат во Систинската капела во 16:30 часот за да започнат со гласањето, кое ќе трае додека еден од нив не добие двотретинско мнозинство и не стане нов лидер на 1,4 милијарди католици низ светот

Сите 133 кардинали помлади од 80 години, кои имаат право да учествуваат во изборот на нов папа, пристигнале во Рим пред конклавата што почнува в среда, соопштија од Ватикан.
Кардиналите ќе се соберат во Систинската капела во 16:30 часот за да започнат со гласањето, кое ќе трае додека еден од нив не добие двотретинско мнозинство и не стане нов лидер на 1,4 милијарди католици низ светот.
Тие се сместени во резиденцијата Света Марта, каде што живееше папата Франциск, кој почина на 88-годишна возраст.
Ватикан соопшти дека за време на конклавата кардиналите мора да ги предадат своите телефони, а кујната во Света Марта ќе подготвува само лесни оброци.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светата столица, Матео Бруни, денеска во изјава за медиумите рече дека се вложуваат сите напори за да се обезбеди сите кардинали кои сакаат да зборуваат да имаат можност да го сторат тоа.
Гласањето е тајно, а двотретинското мнозинство е неопходно за избор на наследник на Франциск, процес што може да трае неколку дена, па дури и недели. Најдолгата конклава се одржала во 1831 година, кога папата Гргур XVI бил избран по повеќе од 50 дена, додека најдолгата во 20. век траела пет дена, кога бил избран Пиј XI во 1922 година. Последните две конклави, во 2005 и 2013 година, траеја по два дена, при што Бенедикт XVI беше избран во четвртиот, а Франциск во петтиот круг на гласање.
По секои два круга гласање во Систинската капела, гласачките ливчиња на кардиналите се палат во посебна печка за да се покаже резултатот од гласањето пред надворешниот свет. Доколку гласањето е неуспешно, од оџакот се испушта црн чад. Појавата на бел чад укажува дека е избран нов папа. Бојата на чадот се одредува со хемикалии што се додаваат во огнот со гласачките ливчиња.
Во петокот на покривот на Систинската капела во Ватикан беше поставен оџак, со што се завршија техничките подготовки за конклавата.
По успешното гласање, новоизбраниот папа се прашува дали ја прифаќа должноста и кое име ќе го избере. Висок кардинал потоа излегува на балконот на базиликата „Свети Петар“ и објавува „Habemus Papam“ („Имаме папа“), по што новиот папа го благословува собраниот народ.
Светските медиуми ден по упокојувањето на папата Франциск веќе објавија имиња на некои од кардиналите кои се сметаат за најсериозни кандидати за наследници на папата Франциск.
Прв папа од Азија или прв понтиф од Африка по многу векови? Или, пак, продолжение на долгата низа поглавари на Римокатоличката црква од Европа, особено од Италија, ќе биде исходот од претстојната конклава за избор на наследник на папата Франциск.
Сепак, како што пишува „Гардијан“, речиси е невозможно да се предвиди исходот од тајната папска конклава бидејќи позициите на кардиналите се менуваат поради последователните гласови, а некои се обидуваат преку играње со системот да влијаат на шансите на нивните фаворизирани – или најмалку фаворизирани – кандидати. На последната конклава во 2013 година малкумина предвидеа дека Хорхе Марио Бергољо ќе биде избран за папа. Во моментов шпекулациите се дека најизвесни негови наследници се десетина високи претставници на Римокатоличката црква.
За тоа кој може да стане папа, теоретски е дека тоа може да биде секој римокатолик кој е крстен.
Во пракса, сепак, кардиналите претпочитаат да изберат еден од нив, но да не е постар од 80 години.
Кога папата Франциск, роден во Аргентина, беше избран на претходната конклава во 2013 година, тој стана првиот понтиф што потекнува од Јужна Америка, регион во кој живеат приближно 28 проценти од католиците во светот.
Од досега избраните 266 папи, 217 биле од Италија.