„Владата (на Грција) мора веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име“, се вели во соопштението на грчката опозициска партија
Грчката опозициската партија Сириза преку соопштение ја повика владата на премиерот Киријакос Мицотакис да реагира во случај на прекршување на Договорот од Преспа, склучен меѓу С Македонија и Грција во 2018 година, со кој беше решен спорот со името на државава и беше отворен патот за земјава да стане членка на НАТО, пишуваат грчките медиуми.

Паралелно со ваквиот повик, од опозициската партија ја критикуваат владата во Атина дека во изминатите пет години не сторила ништо за да го заштити Договорот и да ја унапреди соработката со соседната земја, односно С Македонија.
Од Сириза, како што јавува дописничката на МИА од Атина, велат дека Грција сега е соочена со негативни последици од надворешната политика на Мицотакис, „кој избра катастрофална неактивност во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа“.
„Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име“,
се вели во соопштението од Сириза.
Оттаму велат дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, односно С Македонија, како и активирање од страна на САД на законот усвоен во јуни 2021 година, кој предвидува санкции во случај на оспорување/прекршување на Преспанскиот договор.
Од партијата во соопштението велат дека Договорот е дел од европското законодавство, вградено во одлуките на Советот на ЕУ од 2019 година како услов за пристапување на С Македонија во Европската Унија и гаранција против секој обид за негово поткопување.
Дополнително, од опозициската партија посочуваат дека владата на Мицотакис пет години не направила ништо за да го заштити Договорот.
Како пример од Сириза споменуваат неколку моменти, меѓу кои и тоа што грчката влада сè уште не ги ратификувала трите меморандуми од 2019 година „кои имаат јасни придобивки за земјата“, не направила ништо за промената на учебниците, за промена на трговските ознаки на компаниите од соседната земја, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.
„Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година кои имаа јасни придобивки за земјата, туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови“,
велат од Сириза.

Паралелно, од Сириза ја повикуваат владата „конечно да биде на ниво на задачата и да бара, како на билатерално така и на меѓународно ниво, верно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“.
За потсетување, Преспанскиот договор во 2018 година беше потпишан од страна на тогашниот премиер и екслидер на Сириза, Алексис Ципрас, и поранешниот премиер на земјава и екслидер на СДСМ, Зоран Заев.
Инаку, употребата на новото уставно име на државата, односно придавката „Северна“ беше една од темите која беше актуелна за време на предизборната кампања за претседателските и парламентарните избори што се одржаа во земјава.
Кандидатката поддржана во ВМРО-ДПМНЕ, сега веќе идна претседателка на државата, која оствари убедлива победа и во првиот и во вториот круг на изборите за шеф на државата, во своите јавни настапи и на телевизиските соочувања со својот противкандидат поддржан од СДСМ рече дека ќе го почитува уставното име, но оти нема да ја употребува придавката „Северна“, додавајќи дека со тоа не прави никаква конфузија.
„Кога кажав дека нема да употребувам „Северна“ не мислев дека ќе ги тргам таблите пред институциите и пред меѓународните конференции или во билатералните средби итн. Далеку од тоа. Јас говорам за себе. Правото на самоопределување е и лично право и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам „Северна“, ќе употребувам Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу Република јужна Македонија. Таква нема. Значи, кога ќе зборувам, јас ќе си зборувам Македонија, македонски, македонско – Северна Македонија нека стои пред мене…меѓутоа јас кажувам за мене, тоа прашање нема да биде никогаш затворено“,
рече Силјановска-Давкова на телевизиското соочување со нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, емитувано на ТВ Телма на 1 мај, една недела пред вториот круг од претседателските избори, кој се одржа заедно со претседателските.
Околу ова прашање своите аргументи ги судрија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, а кое предизвика внимание и кај грчките медиуми.