Инспекторот вработен во МВР, кој се вклучил во живо на „Фејсбук“ и се снимал како шета по улица за време на полицискиот час, по завршување на работните задачи, е син на поглаварот на Исламската верска ваедница, Сулејман Реџепи, дознава „360 степени“.
Станува збор за З. Реџепи, против кого МВР веќе најави дисциплинска постапка поради нарушување на угледот на институцијата.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по извршени соодветни проверки утврди дека полицискиот службеник З.Р., самостоен инспектор во ОКР Карпош, постапил спротивно на Упатството за користење на социјални мрежи, при што го нарушил угледот на МВР. Од страна на Одделот за внатрешна контрола утврдено е дека тој објавил видео на 08.04.2020 во 20,20 часот со вклучување во живо на својот фејсбук профил, додека се враќал од работа кон дома движејќи се по бул. Партизански одреди. Од увидот во распоредот за работа во ОКР Карпош утврдено е дека З.Р. тој ден бил работно ангажиран до 20,00 часот. Против З.Р. ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за постапување спротивно на Упатството за користење на социјални мрежи, како и за рушење на угледот на МВР“,
соопштија од МВР.
Од Министерството апелираат граѓаните и полициските службеници да бидат внимателни во користењето на социјалните мрежи, да ги почитуваат законите и да се придржуваат до владините мерки.