Официјалниот предлог за мирно решавање на спорот, од Синдикатот го поднеле откако по средбата во Владата на 4 октомври на која ги изнеле своите барања за потпишување колективен договор и покачување на платите, немало никаков одговор иако добиле уверување дека барањата ќе се разгледаат и ќе има уште една средба
Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) поднесе предлог за медијација односно мирно решевање на работниот спор со цел конечно да се склучи новиот колективен договор и да се зголемат платите на вработените, барања кои ги упатуваат веќе две години.
Предлогот тие го поднесоа до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) кое е надлежно да одреди медијатор, додека како преговарач од другата страна би требало да седне Собранието кое се јавува како основач на УКИМ.
Синдикатот околу две години бара потпишување на колективниот договор, за кој тврди, останува да се утврди уште процентот на покачување на платите.
„Господинот Џафери, кој е и овластено лице од Собранието на РСМ за склучување Колективен договор за високо образование на ниво на работодавец, заедно со претставници на министерствата за труд и социјална политика, за образование и наука и за финансии, со Сојузот на синдикати на УКИМ почнаа преговори во ноември 2021 со цел склучување колективен договор за високо образование на ниво на работодавец, но преговорите не успеаја. До денес од страна на Собранието, и покрај тоа што во целост беше усогласен нормативниот текст на Колективниот договор, а во март 2022 година остана да се утврди само уште процентот на покачување на платите, нема никаков одговор“,
пишува во предлогот за медијација упатено од Синдикатот до МТСП.
До Министерството се испратени и сите ургенции и барања што ги доставувале изминатите две години.
Официјалниот предлог за медијација следува откако на 4 октомври годинава претставници на Синдикатот на УКИМ имаа средба во Владата на која ги изнесоа нивните барања за потпишување колективен договор и постептено покачување на платите – по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување.
Меѓутоа, претседателот на Синдикатот, Ангел Ристов, во разговор за „360 степени“ вели дека иако тогаш добиле уверување дека барањата сериозно ќе се разгледаат, ќе се направат пресметки и ќе бидат повикани на уште една средба, тоа не се случило. Бидејќи поминале повеќе од 30 дена и нема никаков одговор, Синдикатот се решил и официјално да побара мирно решавање на спорот.
„Ако не прифатат, ќе знаеме дека од власта нема никаков слух во однос на нашите барања. Во спротивно се надеваме дека разумот ќе надвладее и ќе почнеме процес во рок од 20-тина дена“,
вели Ристов.
Синдикатот на УКИМ за своите барања уште пред шест месеци организираше предупредувачки протест пред Ректоратот.
Тој се одржа на 2 јуни и за крајот на тој месец беше најавен и протест пред Владата. Меѓутоа, го откажаа бидејќи од Илинденска бр.2 добија ветување дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.
За тоа во каква состојба се вработените во УКИМ, Ристов зборуваше и во гостувањето во емисијата „360 степени“ на крајот од септември годинава кога оцени дека никогаш во историјата на Универзитетот тие не биле во потешка и полоша ситуација.
Како што кажа тогаш претседателот на Синдикатот, доцентите на факултетите земаат плата од 30 590 денари што е под просекот во државата, додека редовен професор заработува 39 500 денари месечно.
„Ние сме едни од ретките држави во Европа и во светот каде еден доцент, доктор на науки, зема помала плата од просечната“,
рече тогаш Ристов.
Најзагрозен, додаде тој, е ненаставниот кадар чиј плати не се покачени со години. Во споредба со регионот, пак, според него универзитетските професори кај нас се убедливо најслабо платени.
„Јас ја споменав платата на еден редовен професор што целиот свој живот го посветил на науката, на образованието, на младите, на идните генерации – 650 евра. Во поблиското опкружување, во Косово – 1 500 евра плата, Србија – 1 800 до 2 000 евра плата, Хрватска – 2 000 евра плата, Словенија 2 500 евра плата. Ние заостануваме далеку зад сите земји во регионот, но исто така и од земјите во Европа и светот“,
рече Ристов.