Пред владините претставници Синдикатот ќе ги изнесе барањата што ги има две години, односно потпишување колективен договор и постепено покачување на платите – по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување
Синдикатот на УКИМ неодамна најави и медијација пред штрајк доколку не оствари средба со владини претставници за исполнување на барањата
По барање на Синдикатот на УКИМ, денеска синдикалните претставници ќе имаат средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која треба да се разговара за барањата од Синдикатот.
Информацијата за МИА ја потврди проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ.
Пред владините претставници Синдикатот ќе ги изнесе барањата што ги има две години односно, потпишување колективен договор и постепено покачување на платите – по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување.
„Синдикатот на УКИМ очекува од Владата да ги прифати нашите барања за надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените на УКИМ, за обезбедување достоинствен живот на наставниот и ненаставниот кадар и развој на високото образование и науката“,
вели Ристов.
Синдикатот на УКИМ за овие барања организираше предупредувачки протест пред Ректоратот на 2 јуни годинава, а за крајот на тој месец планираше мирен протест пред Владата, но го откажа откако доби ветување од Владата дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.
Синдикатот на УКИМ неодамна најави и медијација пред штрајк доколку не оствари средба со владини претставници за исполнување на барањата.
Во гостувањето во „360 степени“ на Алсат ТВ, претседателот на Синдикатот на УКИМ, проф. д-р Ангел Ристов, рече дека никогаш во историјата на Универзитетот состојбата на вработените не била потешка и полоша.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави оти очекува отворени разговори со Синдикатот на УКИМ во однос на зголемувањето на платите на професорите.
„Јас очекувам да разговараме отворено со Синдикатот на УКИМ на којшто ќе треба да се постави рамка во однос на барањето на професорите од УКИМ. Треба да се цени и вреднува работата на професорите. И јас доаѓам од академската заедница со тоа што мора да ги имаме предвид условите во коишто работи економијата во овие кризни услови, рече премиерот и додаде дека веќе е предвидено зголемување на платите во високообразовните институции за седум до осум проценти за оваа година“,
изјави премиерот.
Тој информираше дека веќе е предвидено зголемување на платите на високообразовните институции за седум до осум проценти за оваа година.