На средбата синдикатот и раководството на УЈП треба да разговараат околу изнаоѓање решение за барањето на вработените за зголемување на платите за 30 отсто

Синдикалната организација и раководството на Управата за јавни приходи (УЈП) утре ќе седнат на првата работна средба која ја свика новиот помирувач Илија Манасиев. На средбата синдикатот и раководството на УЈП треба да разговараат околу изнаоѓање решение за барањето на вработените за зголемување на платите за 30 отсто.
„Согласно законската регулатива, процесот на помирување помеѓу синдикалната организација ‘Солидарност’ и Управата за јавни приходи како работодавач, заедно со помирувачот отпочнува со првата работна средба, која ќе се одржи утре во просториите на Управата за јавни приходи-Генерална дирекција“,
се вели во соопштението на „Солидарност“.
Синдикатот на Управата за јавни приходи го назначи Илија Манасиев за нов помирувач меѓу нив и раководството на Управата за јавни приходи (УЈП).
Манасиев е назначен откако претходниот помирувач Лазар Јовевски се откажа поради тоа што бил во странство.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие бараат зголемување на платите за 30 отсто, а доколку не биде исполнето нивното барање најавуваат активирање на одлуката за генерален штрајк.
Оттаму велат дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк, тоа нема да биде по нивна вина.
