Домаќинство што троши по околу 1 000 киловатчасови електрична енергија во скапа тарифа ќе плаќа околу 40% повисока сметка за струја отколку во моментов. Ова го покажува грубата симулација што ја направи „360 степени” врз основа на контурите на моделот на т.н. тарифни блокови што ги обелодени претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, во последното издание на „Економски магазин“ на ТВ Алсат. Суштината на моделот е оние што трошат повеќе, да плаќаат поскапо
Домаќинствата што трошат помалку од 500 киловатчасови месечно во висока тарифа, би требало да имаат исти или помали сметки за струја. Конечните гранични вредности меѓу тарифните модели, сепак, можеби ќе се менуваат. Последните најави се дека моделот ќе биде презентиран в понеделник
Летото, календарски, се уште не е почнато, а ноќите веќе се жешки. За оние што зимата ја поминале греејќи се на струја, тоа значи и дека почна периодот во годината кога може да се здивне од високите сметки.
Но, можеби, уште на крајот на оваа недела граѓаните ќе имаат првична претстава по која цена и на кој начин наскоро ќе ја плаќаат струјата што ја трошат дома.
Прашање на денови е кога Регулаторната комисија за енергетика ќе го стави на јавна дебата својот предлог – домаќинствата што трошат повеќе електрична енергија да плаќаат поскапо. Оние што трошат малку, да плаќаат и поевтино.

Идејата која се готви веќе неколку месеци е т.н. систем на тарифни блокови. Секој блок ќе плаќа различна цена за киловатчас. А во кој блок ќе влезе одредено домаќинство ќе зависи од вкупно потрошената струја во еден месец.
Една работа е веќе сигурна кога е во прашање начинот на кој ќе се одредува блок-тарифата за секое домаќинство – ќе се зема предвид само потрошената струја во скапата тарифа.
Ова го обзнани првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, во најновото издание на Економски магазин на ТВ Алсат.

„Едно што треба да се знае е дека за ниската тарифа ќе нема блокови.
– За ноќната?
Ќе постојат блокови само за времето на важење на скапата тарифа, тоа е како и досега, од 7 до 22 часот, секој ден ќе важат тие. Во недела, цел ден, ќе си остане евтина тарифа, како што е досега“,
изјави Марко Бислимовски при гостувањето во најновата емисија „Економски магазин“ на ТВ Алсат.
Иако одбиваше да соопшти дефинитивен став – Бислимовски во интервјуто остави впечаток дека, најверојатно, ќе има три тарифни блока, а со тоа и три цени на струјата. И тоа:

- Во првата група, односно прв тарифен блок, ќе влезат домаќинствата што трошат до 250 киловатчасови месечно во скапа тарифа.
- Во вториот блок, најверојатно, ќе бидат домаќинствата што трошат од 250 до 500 киловатчасови месечно во скапа тарифа.
- Во третиот блок, ќе бидат оние домаќинства што трошат над 500 киловатчасови месечно во скапа тарифа.
Бислимовски вели дека најголем дел од домаќинствата ќе влезат во првите два тарифни блока.
„Некаде околу 70% од домаќинствата нема да влезат во последниот блок, во којшто ќе плаќаат најмногу.
– А другите 30% се распределени во…
Другите 30%, разликата од првиот и од вториот блок, ќе ја плаќаат по највисока цена“,
изјави Бислимовски.

Кога се во прашање цените, Бислимовски објасни дека за потрошувачка до границата од првиот блок, најверојатно, 250 киловатчасови, би се плаќала цена за киловатчас која е пониска од сегашната, односно помалку од 7,32 денари за киловатчас. Колку точно пониска, не кажа.
Потрошувачката меѓу 250 и 500 киловатчасови ќе се наплаќа грубо по сегашната цена, а таа е 7,32 денари за киловатчас.
А потрошувачката над 500 киловатчасови месечно ќе биде по пазарната цена – околу 15 денари за киловатчас.
Бислимовски тврди дека се обидуваат моделот да биде таков што оние што немаат друга опција, освен да се грејат на струја, да не влезат во третиот, најскап тарифен блок.
„Значи, ќе водиме сметка и овие категории на потрошувачи да бидат опфатени со цел да имаат некаква сигурност и релативно стабилни трошоци, односно не високи трошоци за електрична енергија, бидејќи тие, можеби, би имале друга опција доколку би имало развиен систем за топлинска енергија…
– Не треба да стравуваат тие што ги вратија ќумбињата на дрва и земаа клими, инвертори и други грејни тела?
Не треба да стравуваат. Значи, се водиме и овие категории на потрошувачи да бидат опфатени во блоковите.
кажа Бислимовски.
Што ќе значи сето тоа во пракса? За оние што трошат до 500 киловатчасови месечно, најверојатно, се ќе остане по старо, а оние што трошат до 250 ќе добијат и нешто помали сметки.

Но, за оние што трошат повеќе, направивме груба пресметка. За пример зедовме сметка за електрична енергија од семејство кое живее во куќа и се грее на струја. Според актуелниот начин на тарифирање, тоа семејство во еден од зимските месеци платило 10 446 денари за потрошени 1 071 киловатчасови во висока и 525 киловатчасови во ниска тарифа.
По новиот тарифник, есапот би бил ваков:

– За евтина тарифа би платиле по старо, 525,4 киловати по 3,67 денари = 1 928 денари. За скапата тарифа, за потрошувачката до 250 киловати, би платиле околу 1 737 денари по претпоставена цена од 6,95 денари за киловатчас, односно цена 5% пониска од актуелната. Овој процент е само наша претпоставка која сметаме дека одговара на најавата за „нешто пониски цени“ за првата тарифа.
Следните 250 киловатчасови, до 500, ова семејство ќе го чинат 1 830 денари. Под услов ако остане ветувањето дека за вториот тарифен блок ќе остане актуелната цена.
Преостанатите 571 киловатчасови, ако се пресметуваат по пазарна цена како што најави Бислимовски, а која изнесува околу 15 денари за киловатчас, ќе го чинат ова домаќинство 8 565 денари.
Кога ќе се додаде ДДВ-то од 5% и јавното осветлување, сметката која зимава чинела 10 446 денари, со новиот тарифен модел, ќе чини 14 947 денари, односно четири и пол илјади денари или 45% повеќе.
Дали моделот ќе биде прифатен и како точно ќе изгледа, ќе зависи од јавните дебати, вели Бислимовски.
„Она што е јасно е дека откако ќе ги презентираме блоковите, ќе одржиме неколку јавни расправи. Ќе го чуеме мислењето на сите експерти во земјата. Доколку не се согласуваат да се воведат, нема да ги воведеме“,
изјави Бислимовски за ТВ Алсат.
Иако Бислимовски вели дека јавноста ќе му пресуди на предлогот, голема е веројатноста дека тој наскоро ќе влезе во примена. Моделот не го промовира само Регулаторната комисија, туку за потребата од такво нешто веќе зборуваа и владини претставници, вклучувајќи го и премиерот Димитар Ковачевски.
Сепак, дали и на колку домаќинства ќе им се „стемни“ од новиот тарифен модел, ќе се знае доволно порано пред стартот на новата грејна сезона. Оние што имаат опција, ќе можат да размислат и за промена на начинот на греење од октомври.