Директорот на Државниот завод за статистика вели дека нерезидентното население било попишано за да се добијат информации за емиграцијата од земјава, но дека тоа не може да се земе предвид при вработувањето во јавниот сектор
Изјавата на Симовски е во спротивност со тоа што го направил министерот Алити, кој „Балансерот” го „калибрирал” според вкупно попишаното население лани
Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на Обединетии нации, кои важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во изјава за државната МИА.
Ова доаѓа по измените на процентите во алатката „Балансер“ за вработување во јавните институции, каде предвид е земен бројот на вкупно попишаното население од пописот минатата година, а не само резидентното.
Симовски вели дека нерезидентното население е опфатено во пописот поради проблемот со миграцијата.
„Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и, евентуално, да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население“,
вели Симовски.
МИОА го контактирала ДЗС во врска со податоците, а првиот човек на државната статистика вели дека им дале јасен одговор за тоа како да се користат податоците на граѓаните.
„МИОА не контактираа телефонски минатата недела и ние им кажавме дека единствена категорија што треба да ја гледаат е резидентно население. Прашаа и добија одговор“,
рекол Симовски за МИА.
Согласно последните промени на процентите во алатката „Балансер“ секоја јавна институција кога ќе прави годишен план за вработување ќе треба да планира 31,43 отсто да бидат Албанци, 4,25 отсто Турци, 2,5 проценти Роми итн.
Вчера министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити рече дека единствена промена во методологијата е внесување на податоците од 2021 година наместо од пописот во 2002 г.
„И тогаш и сега се користат податоците за вкупното население. Во таа бројка влегува резидентното население, но и нерезидентното, па вкупните бројки се: 54,21 отсто Македонци, 29,52 отсто Албанци итн. На тие бројки пропорционално се распределени и додадени 6,4 отсто од оние што беа административно попишани. Така е составен новиот балансер“,
рече Алити, инаку кадар на партија Алтернатива.
Ако се види методологијата за пописот во 2002 година, може да се заклучи дека тогаш е попишано населението опфатено со дефиницијата за резидентно – оние што живеат во Македонија или се во странство најмногу до една година. Така што, бројките од пописот во 2002 г. се споредливи со бројките за резидентно население (а не за вкупно попишано) од пописот во 2021 г.
Доколку превид се земе бројот на резидентно население, како што вели Симовски, тогаш ,,Балансерот” би балансирал според други проценти. Според изјаснувањето за етничка припадност на пописот во 2021 година, 58,44 % проценти од резидентното населението се изјасниле како Македонци, 24,3 % проценти како Албанци, 3,86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47 % како Власи, 1,30 % како Срби, 0,87 % како Бошњаци и др. Во пописот има графа од 132 илјади граѓани или 7,2 проценти од резидентното население кои се водат како „административно попишани“ поради тоа што не беа лично попишани, туку податоците беа преземени од административните бази.
Алатката „Балансер“ почна со примена во 2016 година и целта е постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување. Преку неа електронски се врши распределба на планираните нови вработувања согласно соодветната и правична застапеност.