Дел од стручната фела смета дека наградите за најдобрите трудови на конкурсот за „Треска“ се симболични, а роковите кратки за изработка на квалитетно идејно решение. Сепак, самото распишување на конкурсот архитектите го сметаат за голем исчекор и шанса за воспоставување нова пракса во урбанистичкото планирање, па апелираат масовно да се земе учество, како што велат, „од мерак!“
Течат роковите за изработка на идејни решенија по јавниот конкурс што Општина Центар го распиша за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје. Рокот за аплицирање е до крајот на август, по што стручна комисија ќе ги оценува трудовите и ќе треба да избере најдобро решение за овој простор.
Со конкурсот треба да се дојде до ново решение за локацијата „Треска“ на која, според Деталниот урбанистички план од 2012 година, кој се врати во сила по укинувањето на мораториумот, треба да никнат 30 згради. Според конкурсот, пак, со новото решение треба да се најде простор за јавни содржини – детска градинка, содржини од културата, зеленило, локален парк…
Две главни маани
Иако стручната фела едногласно го поздравува овој чекор, сепак, некои архитекти гледаат маани во јавниот конкурс кој, според нив, предвидува симболични награди и прекратки рокови за изработка на идејни решенија.
Според тендерската документација, Општина Центар е предвидено да додели три награди за најдобрите архитектонски решенија. Првата награда е 260 000 денари или околу 4 илјади евра, втората е 150 000 денари (2 400 евра) и за третото место се предвидени 100 000 денари или 1 600 евра. Предвидени се и по 500 евра за откупот на наградените трудови. Со тоа Општината, практично, се стекнува со авторските права и понатаму решенијата може да ги користи во целост, но и да ги менува.
Од Општина Центар не ни одговорија како тие гледаат на висината на предвидените суми, додека, пак, дел од архитектите ги критикуваат наградите, оценувајќи ги како мали и демотивирачки.
Иницијаторката на конкурсот, поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска, смета дека наградите се далеку од доволни за едно вакво крупно идејно решение за атрактивна локација како што е „Треска“. Во изјава за „360 степени“, таа прави паралела со други балкански земји, каде што, вели, овие трудови се далеку повеќе вреднувани отколку кај нас.

„За тоа одлучуваше Советот на Општина Центар и мислам дека имаше и една заситеност од темата и дискусиите на тоа прашање и ова беше нешто изнудено и мораше да биде задоволително за нас. Дефинитивно, во светот ваквите деликатни решенија се вреднуваат повеќе. Ако споредам со еден таков конкурс во Црна Гора, не мора некаде подалеку, ова е десетпати помала понудена сума“,
вели таа.
Павловска смета дека другата слабост на конкурсот е кусиот рок за доставување на трудовите. Сепак, апелира до сите колеги да учествуваат “од мерак”, посочувајќи го како шанса за воспоставување нова пракса во урбанистичкото планирање.
„Роковите се тесни и ако дозволуваат поаналитична работа може да се смета на повисок квалитет. Вака ќе добиеме нешто, се надевам и тоа ќе биде достојно, но секако ќе беше подобро да беше подолг рокот. Сепак, апелирам до сите колеги и оние што сакаат да го одбележат моментов што го живееме, а кој би значел почеток на еден циклус на конкурси, затоа што тие се проверен институт преку кој се добиваат поквалитетни решенија. Би ги повикала сите што се чувствуваат како компетентни да учествуваат. Со учество на конкурсот се праќаат и други пораки, не само дека нашата фела има критична маса да одлучува, туку и дека има силен емотивен и етички порив да сработи нешто квалитетно за многу кратко време и за многу мал паричен надомест. Ги поттикнувам архитектите масовно да учествуваат на конкурсот. Од мерак!“,
вели Павловска.
На ист став со неа е и архитектот Филип Конески, основач на едукативната платформа Македонска архитектура – МАРХ, кој вели дека со оглед на тоа како денес се вреднува архитектонскиот труд висината на наградите е очекувана.
„Можам да направам паралела, на пример со Подгорица, која последните години распишува конкурси што излегуваат во сите светски портали за култура. Последниот конкурс за еден плоштад предвидуваше наградата за првото место од 20 000 евра. Ние водиме битка преку Комората на овластени архитекти и инженери за да се донесе тарифник по кој не би имало простор за вакви суми, бидејќи тој би важел на државно ниво“,
вели Конески за „360 степени“.
И Конески смета дека рокот за изработка на идејно решение требало да биде минимум три месеци за да се дојде до квалитетни решенија. Сепак, и тој го поддржува конкурсот, за кој вели дека нуди опција да почне да се креира една позитивна пракса во урбанистичкото планирање.
„И покрај сѐ, поради целата борба што ја водиме како фела, јас го поддржувам конкурсот. Бидејќи ние како фела и досега работиме за ниски суми и вакви општествено одговорни теми мислам дека треба да се поддржат“,
вели Конески.
Дека самото распишување на конкурс е голем исчекор, смета и Искра Јанковска-Михајловска, претседателка на Собранието на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
„Овој пат не е сѐ во парите. Ниту во конкурсите е се во парите. Наградата на конкурсот ги покрива трошоците и обично кога има конкурси има и изложби, се објавуваат конкурсните решенија во списанија итн. За нас е голема новост конкурсот. Ова е пример што треба да го следат и другите општини за решавање на вакви поголеми парцели. Со оглед какви се стандардите кај нас, каква е силата на општините, на државата, мислам дека сумите се пристојни. Конкурсот далеку дека го задоволува вложениот труд, ама престижот е голем. И така е секаде во светот“,
вели таа.
Што после конкурсот?
Со конкурсот се очекува да се најде компромис меѓу приватниот и јавниот интерес и да се обезбедат услови за похумано живеење со идните градби. Инвеститорите што претходно најавија тужби доколку се распише јавен конкурс, бранејќи го своето право на сопственост, сега не откриваат дали ќе водат правна битка или и тие ќе учествуваат со свој труд на јавниот конкурс.
Јанковска-Михајловска објаснува дека инвеститорите нема да го изгубат веќе стекнатото право и дека конкурсот е „вин-вин“ ситуација за двете страни. Компромис, како што вели, може да се најде на разни начини – на пример, да се додаде на катност на зградите, а да се одземе од површина со цел таа да се искористи за содржини од јавен интерес.
„На тој конкурс ќе се понуди подобар квалитет на живот, а инвеститорите ќе добијат простор кој ќе биде поатрактивен. Тоа е вин-вин ситуација. Според условите на конкурсот, не смеат да бидат оштетени инвеститорите со нивните веќе стекнати права за развиени површини за изградба. Конкурсот е направен за да не ги оштети, но да има некакво прегрупирање. Додавањето содржини е за да се даде решение за подобар квалитет на живот. Кога имате една таква празна локација, можете да го моделирате просторот. Ако вие како проектант внимавате и на одреден сопственик, зошто тој не би бил задоволен?“,
вели таа.
Сепак, победничкиот труд на конкурсот не значи и дека ќе се реализира во пракса. Според тендерската документација, Општина Центар, откако ќе ги откупи авторските права на трудовите, го задржува правото да може да ги менува кога ќе дојде фазата на реализација, што остава простор идејните решенија да се моделираат по нечии други интереси, а не според тоа како предвидела стручната фела.
Архитектот Конески од лично искуство со конкурсни решенија вели дека оваа одредба претставува ризик за манипулација, иако не верува дека таков ќе биде случајот со конкурсот за „Треска“.
„Често сме сведоци дека победничките трудови не се реализираат. Јас сум дел од тимот којшто победи за трудот за Луна паркот за кој се изведе сосема некое друго решение. Кај нас е тоа пракса. Изборот на конкурсот нема задолжителна тежина. Дефинитивно, во минатото се случувале злоупотреби, сомнителни конкурси. За овој конкурс, сепак, не би рекол дека е така, комисијата е со луѓе кои со години се борат за подобро општество во архитектонско-урбанистичкиот свет и се надевам на професионален завршеток на конкурсот. Но, сите одлуки на крајот ги носи Општина Центар“,
вели тој.
Павловска за ова прашање разговарала и со градоначалникот на Општина Центар. Тој и посочил дека првонаградениот труд ќе биде вграден во планот за „Треска“.
„Тоа се однесува сепак на случај да се нема едно издвоено првонаградено дело. Ќе се разгледуваат, ќе се откупат, ако има потреба од комбинирање на две решенија… останатото е во наши раце. Комисијата е составена од професионалци кои го знаат и овој момент. Таков ризик не може да се исклучи, но е и авантуристички да се издвојат парите за да не се ефектуира тоа што се проектирало и се потрошиле парите, времето и енергијата. Би било неодговорно“,
вели Павловска.