Делови од Киев се без струја и вода по рускиот напад рано утринава
Неколку експлозии се слушнале утрово во Киев, јавуваат украинските власти и локалните медиуми.
Антон Герашченко, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека во градот одекнале најмалку три експлозии, додека 40 крстосувачки ракети биле истрелани кон Украина.
„Околу седум или осум експлозии се слушнаа рано утринава во Киев и во регионот на градот. Причината за експлозиите сè уште не е позната“,
напиша на Твитер, Киев Индипендент.
Делови од Киев се без струја и вода по рускиот напад рано утринава, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.
Експлозии утрово се слушнале и во Харков.
Градоначалникот Игор Терехов изјави дека Русија ја погоди основната инфраструктура во градот.
Неколку украински функционери реагираа на ракетните напади утринава врз Киев и други украински градови.
Украинската парламентарка Лесија Василенко објави дека утрото започна со руски ракетни напади низ целата земја.
„Киев е под оган во последниот час. Повторно прекин на струја, без вода се делови од градот. Злосторствата на Путин против цивилите продолжуваат“,
вели Василенко.
Реагираше и Олег Николенко, портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи.
„Утрото започна со сирени кои се вклучија низ цела Украина. Руски проектили ја погодија енергетската инфраструктура во Киев и другите градови, што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода. Русија не е заинтересирана за мировни преговори, исто како и глобалната безбедност на храната. Единствената цел на Путин е смрт и уништување“,
рече Николенко.