На новинарско прашање – дали претседателот на Собранието може да влече паралела и легитимитет за вакво свое постапување од 2014 година, кога уставните измени предложени од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ влегоа во собраниска процедура, но никогаш не беа гласани како предлог-амандмани, Силјановска-Давкова вели дека сега ситуацијата е различна, бидејќи тогаш поминала првата фаза со двотретинско мнозинство, па дури имало и нацрт-текст и расправа
Иако претседателот на Собранието, Талат Џафери, се повикува на член 81 став 1 од Деловникот, во кој се вели дека „претседателот може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници кои се потребни за одлучување или во други случаи кога тој ќе оцени дека е неопходно“, пратеничката и професорка по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова смета дека оваа одредба важи за донесувањето на законите, а не и за процедурата за промена на Уставот и затоа прекинувањето на седницата, по исцрпувањето на расправата и одложувањето на следната фаза на неодредено време е неосновано.
„…Ако нема мнозинство, да потсетам, двотретинско мнозинство имаше на седницата, присутни беа. Јас слушам и некои чудни тези дека требало да има сигурни две третини што ќе гласаат – да не треба однапред ние да гласаме?! Па, тоа е далеку од умот, демократијата е врзана за неизвесност и, второ, дури и кај законите има една друга одредба напред, општа, која вели дека во тој случај мора да го одреди денот и часот на гласањето“,
рече Силјановска-Давкова.
Дополнително, вели Силјановска-Давкова, процедурата за промена на Уставот е определена во посебна глава на Деловникот.
„Точно е одредено, завршивме расправа на комисија за уставни прашања, завршивме дискусија на пленарна седница, таму нема член 81, туку има дека мора да се гласа за предлогот – дали се прифаќа предлогот за да почне постапката за промена на Уставот. Роковите се многу строги, не е тоа случајно. Ние не можеме да оставиме на волјата на претседателот на парламентот кога ќе го смениме Уставот евентуално, бидејќи тоа е работа која парламентот треба да ја заврши“,
кажа пратеничката.
На новинарско прашање – дали претседателот на Собранието може да влече паралела и легитимитет за вакво свое постапување од 2014 година, кога уставните измени предложени од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ влегоа во собраниска процедура, но никогаш не беа гласани како предлог-амандмани, Силјановска-Давкова вели дека сега ситуацијата е различна, бидејќи тогаш поминала првата фаза со двотретинско мнозинство, па дури имало и нацрт-текст и расправа. Тогаш, вели професорката, мислењето на Венецијанската комисија беше полно со жестоки критики кон одредени уставни измени, иако некои добиле и позитивни мислења, па сепак, на крајот, тие не беа гласани.
„Јас мислам дека профили како господинот Талат Џафери тогаш велеле дека нема да гласаат, а зошто не дојде до гласање за амандманите – не знам. Сепак, ситуацијата е сосема различна. Не може претседател на Собрание да креира интеррегнум – ова е интеррегнум. Ние не знаеме кога ќе му текне и дали ќе му текне да нè свика, а тој вели дека кога некој ќе му докажел дека има две третини пратеници, тогаш ќе свикал седница. Имаше две третини и чудно е што дури и не искористи некој од говорниците да остави за понатаму, па да има причина за одлагање. Мислам дека сака да покаже дека не сум јас прв меѓу еднаквите, туку јас сум господарот на Собранието. Јас одлучувам како сакам и така се однесува. Нема смисла, ниту осет за демократија. Погрешен човек е на многу важно место“,
оценува Силјановска-Давкова, чие име повторно се спомнува како потенцијален кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.