ВМРО – ДПМНЕ со пример покажува дека го остварува тоа што го ветува, а тоа е дека има жени кои се носителки на листата и многу вклучени во самите листи, но дека во проектите се обврзува за исполнување на ветувањата од 40 отсто застапеност на жени во политиката, вели носителката на првата Изборна единица од коалицијата „За обнова на Македонија“, Гордана Силјановска-Давкова.
Таа пред музејот на Македонската борба порача дека во програмата „Обнова“ се втемелени принципите на обнова на почитта, рамноправноста, знаењето и креацијата.
„Во обновата се вели дека 40 проценти од министрите ќе бидат жени. Ќе се согласите дека бројката не е македонска некако скандинавска како да е и ете и тоа е исчекор во поглед на сензибилизирањето на балканскиот машки воинствен милитантен свет“,
рече Силјановска – Давкова.
Таа смета дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е обнова на неискористениот ум на жените во Македонија бидејќи бројот на министерки во оваа влада бил три па стана четири со министерката Нина Ангеловска. Според Силјановска-Давкова во однос на 26 министри во Владата, ова е политички мачоизам од невидени размери.
„Не само тоа и на листите како што гледате има повеќе жени одошто мажи и дури има две жени кои се носителки на листата, а има неколку кои се втори или трети. За мене е тоа демократски исчекор и јас мислам дека доаѓа времето на жените во Македонија“,
рече Силјановска – Давкова.