За Силјановска најголем удар на легитимет на оваа влада, беа локалните избори. По дефиниција, како што рече, оваа Влада е „нестабилна или ефемерна“

Попладнево продолжи собраниската седница за избор на нова Влада, а свое обраќање имаше и пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која во своето излагање напомена дека оваа Влада нема легитимитет и е во тешка криза.
Оваа Влада во создавање, како што рече Силјановска, не може да наследи легитимет од претходна Влада, бидејќи, како што вели таа, не си заминал премиер и претседател на партијата заради нова функција или болест, туку поради одговорност.
Второ, како што посочи, кога се конституирала Владата, дел од неа беше и партијата БЕСА, а сега како што рече Силјановска, има само еден евро освестен пратеник.
Затоа, според неа, гласачите не се сега гласачи на оваа коалиција и затоа нејзиниот легитимитет е нарушен.
„Се прашувам што мислат граѓаните за учество на Алтернатива во владата. Исто така, министрите кои беа носители на кандидатските листи ги нема. Се повикувате на НАТО, но ја нема министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која беше персонификација на НАТО, не знам дали е разрешена или е од лични причини“,
рече пратеничката Силјановска Давкова.
За Силјановска најголем удар на легитимет на оваа Влада, беа локалните избори. По дефиниција, како што рече, оваа Влада е „нестабилна или ефемерна“.
Зборувајќи за персоналните решенија Силјановска рече „ако си оди Димитров бидејќи нема датум за ЕУ, со него треба да замине и Османи зошто датумот како да остана во црната кутија во авионот во кој очигледно немаше пилот“.
Силјановска потоа зборуваше и за владеењето на правото, односно за ревизијата на судските предмети.
„Се говори за владеење на правото. Дали колегата Тупанчевски ќе се дистанцира од оној договор дека независни експерти ќе извршат меѓународен мониторниг на процеси за кои постојат сомневања а политички дека врз нив боло вршено политичко влијание како Монструм, Диво насеље. Тие може да се ревидираат само ако се најдат во Стразбур пред Судот за човекови права“,
додаде Силјановска, истакнувајќи дека во оваа Влада се предложени луѓе чии биографии личат на флаери.
Покрај Силјановска Давкова, свои говори попладнево имаа и Арбер Адеми од ДУИ, пратеничката Рина Ајдари исто така од ДУИ, како и пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците.
