Во науката велиме дека обично бројот на пратениците треба да биде кубен корен од бројот на гласачите, а ние имаме голем парламент, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ која вели дека Мицкоски веќе разговарал со неа на оваа тема
Време е да се намали бројот на пратеници и да се воведе една изборна единица, порача пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во гостувањето во централниот дневник на Сител ТВ.
„Ако има Словенија функционален систем, можеме да имаме и ние. Инаку, да во партијата сме разговарале, ми го соопшти ова претседателот. Ние во науката велиме дека обично бројот на пратениците треба да биде кубен корен од бројот на гласачите. Ние имаме голем парламент. Секоја реформа треба да почнува од себе. Значи штедењето треба да почне од нас. Така што мислам дека сосема во ред е да се намали бројот на пратениците“,
рече Силјановска-Давкова.
Таа рече дека една изборна единица имаат и Холандија, Србија и Црна Гора, како и Словачка која има и отворени листа.
„Значи четири држави и тоа мали држави. Кај едната изборна единица идејата е да дојде до израз националниот интерес. Ние имаме проблем со националниот интерес кога го градиме и во поглед на регионалните разлики ама и во поглед на етничките разлики. Но, кај пропорционалниот систем со една изборна единица ќе биде најголема пропорционалноста“,
рече Силјановска-Давкова.
Темата за воведување една изборна единица, во периодот кога се бираше новата влада повторно во јавноста ја актуализираа помалите политички партии, кои дадоа и рок од неколку месеци за да се донесат законските измени.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во петокот во емисијата „360 степени“ отворено кажа дека и тие како партија предлагаат една изборна единица, како и намалување на бројот на пратеници од 120 на 90.
„Сакаме да предложиме концепт за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, слично како словенечкиот концепт, како и воведување на една изборна единица. Овој гломазен систем од 120 пратеници е преголем, тој делува премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ. Со намалување на бројот на пратеници на 90, ќе се намали и бројот на привилегирани пратеници. Ние сме и за воведување на една изборна единица, бидејќи имаше и други политички партии кои го поддржуваат тој концепт. Подготвени сме за овој концепт“,
рече Мицкоски во интервјуто за „360 степени“.
На прашањето – дали овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е искрен, со оглед дека партијата досега се залагаше за мнозински изборен модел, Мицкоски рече дека тој предлог не ја добил поддршката од другите политички партии, па поради тоа и тие се откажале од таа идеја.
Демократскиот сојуз (ДС) на Павле Трајанов и претседателот на ЛДП, Горан Милевски, кои се меѓу партиите кои ги бараа овие измени, вчера порачаа дека добро е што сега и ВМРО-ДПМНЕ се залага за тоа.
За СДСМ, пак, од претходно е познато дека барем во јавните настапи социјалдемократите се залагаат за воведување на една изборна единица, но како што порачаа неколку пати досега, измените на Изборниот законик треба да се носат со консензус.