Митингот во Крива Паланка, кандидатката Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го почна со погледнување кон часовник за кој рече дека го отчукува заминувањето на оваа, според неа, делегитимирана власт

ФОТО: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
Кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова, од вечерашниот митинг во Крива Паланка, ја обвини власта дека не креира рационални политики.
Силјановска-Давкова образложувајќи што значи да се води рационална политика, рече дека прво треба да се постави цел и да се одберат актерите кои ќе стигнат до неа. Треба, рече Силјановска-Давкова, да се определат средствата, но и да се проверува во текот на реализацијата дали се оди добро.
„Ние што се занимаваме со науката велиме дека политиката мора да биде рационална. Да креираше оваа власт рационални политики во сите области почнувајќи од образованието, здравството, социјалната заштита, меѓународната политика, ние немаше да се чувствуваме понижени“,
рече Силјановска-Давкова.
Според неа, потребно е да за претседател да се избере човек од знаење, за кој рече ќе биде опкружен со тим што знае, умее и сака и кој рационално ќе ја води Македонија.
Силјановска-Давкова пред кривопаланчани обвини и дека власта води политика што е обид за гаснење на пожари.
„Понекогаш не може да се предвидат некои нешта, се случуваат ненадејно. Мора да имате одговор и за таквите ситуации. Оваа власт нема одговор и на таквите ситуации. Се појавува проблем, ама вие имате однапред подготвени решенија затоа што имате алтернативи. Што прави оваа власт? Таа власт применува една трета политика, што и не е политика и се вели обид за гаснење на пожари. Ама тие не се пожарникарите. Тие се токму оние потпалувачите на проблемите. Затоа треба да си заминат“,
додаде Силјановска-Давкова.
Митингот во Крива Паланка, кандидатката Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го почна со погледнување кон часовник за кој рече дека го отчукува заминувањето на оваа, според неа, делегитимирана власт.
„Наскоро ќе ги отчука промените поврзани со новата власт, како на претседателско ниво, така на парламентарно. Оваа Горда Македонија и Твоја Македонија се како сијамски близнаци“,
рече Силјановска-Давкова.
Повторувајќи го сето она што ќе го направи доколку биде избрана за претседател, Силјановска-Давкова рече дека постојано ќе биде присутна во Собранието за да ги потсетува пратениците да носат добри закони, а не, како што рече, да трчаат по скратената постапка.
„Законите треба да се носат по редовна постапка и да ве консултираат сите вас, експертите и невладините организации“,
додаде таа.