Четири лица загинаа, а засега не е познат бројот на повредените во силниот земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтер што доцна вечерва во 20.55 часот по локално време го погоди градот Елазиг во источна Турција.

Како што јавија тамошните медиуми, неколку згради се целосно урнати и во моментов трае потрагата по евентуално затрупани под урнатините.

Министерот за внатрешни работи на Турција Сулејман Сојлу рече дека две од жртвите се од Елазиг додека две се од градот Малатија.
Дирекцијата за управување со вонредни ситуации (АФАД) соопшти дека епицентарот на потресот е во местото Сивричи, во близина на Елазиг.

На видео снимките објавени на социјалните мрежи може да се види како во некои делови од Елазиг има урнати згради, додека на снимките од безбедносните камери е регистрирана паниката на жителите во моментот на потресот.
Првичната информацијата беше дека земјотресот е со јачина од 6,8 степени, но подоцна АФАД ја утврди јачината на 6,5 спетени, со епицентар на длабочина од околу седум километри.

АФАД исто така потврди дека по најсилниот потрес следувале неколку нешто послаби, од кои еден и со јачина од 5,4 степени по Рихтер.

Земјотресот бил почувствуван во околните градови, па дури и на делови на северот на Сирија и Ирак.