Претседателката посочува дека овој празник потсетува оти ромската заедница е сè уште најсиромашната, најранливата, најмаргинализираната, најобесправената и најдискриминираната заедница. Во оваа смисла, вели дека е потребно да се премине од декларативна во поддршка со дела и да им се даде приоритет на Ромите
Ромите се богат човечки потенцијал што мора да се впрегне во општествениот погон. Да го завртиме ромското тркало дома, ама не само на 8 Април, туку постојано, посилно, побрзо и подалеку, во интерес на прогресот – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката упатена до ромската заедница по повод одбележување на Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

„Верувам дека не случајно тркалото, симболот на вашето етничко знаме, по долги патешествија запрело и на македонска почва на која сте свиле дом. Со културната посебност и свест, вие израснавте во важен и вреден сегмент на македонското општество, неверојатно талентиран за музика и игра, уметнички вдахнат, скромен! Влеговте во Уставот, се изборивте за ромска општина и ромски јазик како службен во неа, основавте и развивте успешно средно училиште, формиравте партии и граѓански здруженија и станавте политички фактор, влеговте во Собранието, освоивте градоначалнички и министерски позиции, но и раководни места во важни државни органи и институции, станавте музички славни преку врвни културно-уметнички друштва, пејачи и диригенти, се стекнавте со универзитетски дипломи од различни области, ве опишаа во филмови и серии, ве опеаја, насликаа…“,
пишува претседателката во честитката по повод 8 Април.
Сепак, како што додава, овој празник потсетува дека ромската заедница е сè уште најсиромашната, најранливата, најмаргинализираната, најобесправената и најдискриминираната заедница.
Во оваа смисла, претседателката вели дека е потребно да се премине од декларативна во поддршка со дела – на Ромите да им се даде приоритет, да бидат дел од афирмативни и инклузивни политики, да им се овозможи да ги изразат способностите и идеите, да го вградат трудот и знаењето во развојот на демократското општество.
„Ромите се богат човечки потенцијал што мора да се впрегне во општествениот погон. Да го завртиме ромското тркало дома, ама не само на 8 Април, туку постојано, посилно, побрзо и подалеку, во интерес на прогресот. Нека ни е честит 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите!“,
порача Сиљановска-Давкова.