Денот на ослободувањето на Аушвиц, порача претседателката, е ден кој означува не само ослободување на над 7 000 затвореници, туку и ослободување на човештвото
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова апелира да се воспостави традиција за организирани посети на Треблинка во чест на трагичната судбина на македонските Евреи кои завршиле во логорот. Говорејќи за значењето на денешното одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички логор Аушвиц, Сиљановска-Давкова синоќа порача дека македонските Евреи се дел од македонскиот идентитет.
„Таа почит треба да стане дел од нешто што ќе го практикуваме, ќе потсетуваме, велејќи дека не само што не веруваме дека такво нешто ќе се случи повторно, туку треба да кажеме дека додека сме живи и оние по нас никој никогаш не смее да дозволи да се случи такво нешто“,
изјави претседателката.
Денот на кој се одбележува ослободувањето на Аушвиц, порача таа, е ден кој означува не само ослободување на над 7 000 затвореници, туку и ослободување на човештвото.
Свесноста за злото, како што рече, е клучна за да се спречат трагедии од вакви размери:
„Кога луѓето се свесни за злото, секогаш велат: ‘Никогаш повеќе!’. Се надевам дека извлековме некои поуки 80 години потоа, и дека искажаното ‘Никогаш повеќе’ ќе биде навистина – никогаш повеќе.“
Претседателката оцени дека запознавањето со Холокаустот мора да биде дел од образованието и општествената свест зашто, како што рече, ако меморијата не се негува и храни, може да ја снема или да се извитопери. Порача оти не смее да има дете, млад човек или возрасен кој не знае што е холокауст.
Сиљановска-Давкова денеска ќе биде во посета на Полска, по повод одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Освиенцим, близу Краков. Церемонијата треба да започне во 15:00 часот по Гринич, а на неа се очекуваат 54 меѓународни делегации, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Италија, Франција и Германија.
Во рамките на комеморативниот настан се предвидени поздравни обраќања и сведоштва на преживеаните, по што ќе бидат прочитани молитви, запалени свеќи и оддадена почит на жртвите на холокаустот.