„Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединци“, рече претседателката на државата во нејзиното обраќање до јавноста
Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната, порача претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање до граѓаните попладнево, а во врска со трагедијата во Кочани.

На почетокот од обраќањето претседателката со треперлив глас се осврна на нејзините посети на болниците каде што се хоспитализирани дел од повредените.
„Пред нив ме дочекаа родителите. Со доверба во медицинскиот персонал и јас како нив верувам дека ќе го сторат не само можното, туку и невозможното за да им помогнат на нивните сакани“,
рече претседателката.
Рече дека не е време за поделби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе чии живот за миг згасна поради, како што кажа, самоволие, импровизација и манипулација.
„Без стандарди и правила, не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите. Да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот“,
кажа претседателката на државата.
Сиљановска-Давкова рече дека како мајка, како човек, како претседателка, сè уште не може да поверува дека ужасната трагедија во Кочани е реалност.
„Не знам со кои зборови да им изразам сочувство на родителите и најблиските на загинатите. Вашата неизмерна болка е и моја“,
рече таа.
Во обраќањето претседателката кажа и дека во оваа трагедија не сме сами бидејќи голем број држави, не само од опкружувањето, туку и подалечни, се понудиле да помогнат.
„Најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни“,
рече претседателката на државата во обраќањето до јавноста.
Во пожарот што ноќеска ја пеплоса дискотеката „Пулс“ во Кочани животите, според досегашниот биланс, ги загубија 59 лица, а повеќе од 150 се повредени, од кои 20 се малолетници.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција попладнево изјави дека за кривично-правниот настан се осомничени повеќе од 20 лица, меѓу кои и поранешни функционери во владини и државни институции. За фирмата која управувала со дискотеката рече дека тоа го правела со нелегална лиценца.