„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот“, напиша, меѓу другото, претседателката на државата во честитката за изборната победа на Трамп
Срдечни честитки и многу успех во извршувањето на одговорната функција, напиша македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод изборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави (САД).
Во неа таа изразува уверување дека во периодот што следува партнерството меѓу двете држави ќе биде унапредено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели.
„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот. Уверена сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели“,
пишува Сиљановска-Давкова на Фејсбук.
Изборната победа на Трамп му ја честитаа и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, претседателот на СДСМ Венко Филипче, лидерот на ДУИ Али Ахмети…
За Мицкоски победата на Трамп е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата.
Филипче е убеден дека ќе се продолжи стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија.
Лидерот на ДУИ изрази уверување дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш за конечно, како што вели, да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Министерот Муцунски напиша дека нетрпение очекува да работи со новата американска администрација, споменувајќи го притоа и Ричард Гренел, еден од најблиските соработници на Трамп и функционер за време неговиот прв мандат во Белата куќа.