„Кога зборуваме за име на државата, не може да бидеме само рационални. Тоа е дел од мене. Сè што сум направила во животот, сум направила во Република Македонија. Јас не можам постојано да се потсетувам, чекај сега од 2019 година е поинаку“, вели претседателката
Разговаравме со кабинетот дека на лентата на венецот кој требаше да го положиме во Рим по повод чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј може да пишува и РС Македонија, но лентите се куси, па затоа се одлучивме за такво решение бидејќи јас бев предводник на државно-црковната делегација.
Ова денеска го одговори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарското прашање зошто на венецот што таа го положи во Рим не го пишуваше името на државата, туку само нејзината функција и нејзиното име.

„Знаете, тие ленти не се многу големи. Разговаравме во кабинетот, имавме и различни мислења меѓу себе. На пример, јас имав мислење дека може да биде РС Македонија бидејќи немаше простор. Но некако на крајот реков дека можеби затоа што јас сум на челото на државно-црковната делегација, ова да биде некое решение. Знам дека може да има забелешки, ги разбирам многу од нив, многу од нив се логични, бидејќи Македонија ја претставувавме таму“,
вели претседателката.
Според неа, во време особено по нејзиниот говор, односно како што рече, по нејзиното избегнување на говорницата на официјалното име на државата, по определувањето, според неа, за Македонија, врз основа, како што додаде, на правото на самоопределување или слободата на изразување на мислата, претседателката заклучи дека се одлучиле на ова решение.
„Не мислам дека тоа е не знам каков проблем, ниту негирање на Македонија ниту негирање на државата. Впрочем, се знаеше која е делегацијата, кои сме ние. Нам ни се чинеше дека тоа е најдобро во тој момент“,
рече таа.
На прашањето дека не стивнуваат реакциите по нејзината инаугурација и дали некористењето на уставното име може да ги врати чекор наназад односите со соседните земји, Сиљановска-Давкова рече дека со една изјава не можат да се вратат односи наназад, оти, според неа, односните можат да бидат добри кога ние навистина сме исчекориле во евроинтеграцијата.
„Односите се такви какви што се, бидејќи односите може да се добри тогаш кога навистина сме исчекориле во евроинтеграцијата, зошто ако го смените името врз основа на референдумско прашање дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор тоа е обврска не само за нас. Да потсетам референдумот не беше успешен. Но, деривативната власт, Собранието го смени името. Тоа е веројатно една од најголемите промени во животот на некоја држава или нација“,
рече таа.
Според неа, добро е што земјата е членка на НАТО, но смета дека не е чекот напред тоа што повторно стоиме пред промена на Уставот за да почнат преговорите оти, како што посочи, дали сте за членство не значи дали сте за почеток на преговори.
Во врска со писмената честитка на Стејт департментот за прва жена претседател, која, како што објавија медиумите не била испратена поради неупотребата на уставното име на инаугурацијата, Сиљановска-Давкова истакна дека таа имала средба со американската амбасадорка Анџела Агелер, ден пред инаугурацијата во парламентот и дека тоа е нивна одлука во која таа не може да се меша.
„Според мене тоа не значи прекршување на Преспанскиот договор. Јас и пред некој ден кажав, ниту јас одбив да ја потпишам изјавата, ниту ја искинав, ниту реков дека ќе покренувам постапка за поништување на Преспанскиот договор, иако таму има постапка. Јас само усно си го искористив сократовски, правото на слободно изразување на мислата, така како што го прават и многу други претседатели, вклучувајќи го и претседателот на САД. Претседателите – значи и тие употребуваат скратени изрази, инаку би требало да се автоцензурирам. Исто така, знам дека на телевизиите многу често оди Македонија, а и тие имаат понекогаш проекти од државата, имаме партија која е финансирана од државата, а во името има Македонија, мислам на СДСМ. Да не говорам и за други институции. Им се чудам на оние кои мислат дека со еден потег на перото можете да се транформирате. Кога зборуваме за име на државата, не може само рационални да бидеме. Тоа е дел од мене. Се што сум направила во животот, сум направила во Република Македонија. Јас не можам постојано да се потсетувам, чекај сега од 2019 година е поинаку“,
вели Сиљановска-Давкова.
Повика да се препрочита Преспанскиот договор, особено во делот на промена на документите за внатрешна употреба, што според неа е непознат феномен во историјата на човештвото.
„Во врска со фактот дека таму се врзува овој чин или крајниот рок за истекот на пет години, меѓутоа и за отворањето на првото поглавје и на поглавјата. Кој одлучува за отворање на прво поглавје? Европската унија. Значи и тие требале да сторат нешто за реализација на Преспанскиот договор. Значи, не сум го прекршила Преспанскиот договор, тој е во сила, ќе го почитувам, но си го задржувам правото да употребувам, некогаш и придавката да ја употребувам или името“,
рече таа.
Во врска со можноста за признавање на палестинската држава, таа истакна дека е е рано да се размислува за тоа и оти тоа прашање не дошло на дневен ред.