По средбата, тимот на „Скопје Прајд“ на својот официјален фејсбук-профил објави дека претседателката на државата дала поддршка за парадата, за борбата за видливост и за своите права на ЛГБТИ-заедницата на маршот што ќе се одржи претстојниот викенд
На два дена пред одржување на петтата Парада на гордоста во земјава, претставници од организацискиот одбор на „Скопје Прајд“ денеска во Вила „Водно“ остварија средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
На средбата, како што соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова, била посочена неопходноста за градење инклузивно општество, заштита на маргинализираните заедници, како и предизвиците со кои тие се соочуваат. Била нагласена и потребата од ефективната примена на законите за заштита од дискриминација.
„Претседателката Сиљановска-Давкова беше информирана за нивните досегашни активности, како и за идните планови кои имаат за цел подигнување на јавната свест за почитување на различностите, а во контекст на остварување на основните човекови права“,
информираат од кабинетот на претседателката.
По средбата, тимот на „Скопје Прајд“ на својот официјален фејсбук-профил објави дека претседателката на државата дала поддршка за парадата и за борбата за видливост и за своите права на ЛГБТИ-заедницата на маршот што ќе се одржи претстојниот викенд.