Од опозициската партија сметаат дека унапредувањето на полковникот Лулзим Нуредини во бригаден генерал и неговото поставување за командант на Командант за обука и доктрина, е само обид за прикривање на, како што велат, оваа неправда
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова изврши промени во командните структури на Армијата на Република Северна Македонија.

Како што соопштија денеска од нејзиниот Кабинет, претседателката со укази извршила поставување на старешин и на формациски места предвидени за генерали.
Поставувањето како што е наведено е извршено согласно одредбите од Законот за одбрана.
Според соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, со указите досегашниот началник на штабот во Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е поставен за командат на Командата за операции во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Бесник Емини, кој досега беше командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
„Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата. Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции“,
се наведува во соопштението.
Исто така, од Кабинетот на претседартелката информираат полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.
Полковникот Лулзим Нуредини, со указ на претседателката, пак е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.
„Сите потпишани укази од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се извршуваат веднаш“,
посочуваат од нејзиниот Кабинет.
На указите на претседателката на државата за промена во комадните структури на Вооружените сили на Република Северна Македонија попладнево реагираа од опозиската Демократска унија за интеграција (ДУИ) од каде велат дека овие дејствија не само што ги маргинализираат Албанците, туку и директно го загрозуваат интегритетот и безбедноста на одбранбените структури.
Според ДУИ, преместувањето на генералот Бесник Емини од командант на Командата за операции , позиција која, како што велат од партијата опфаќа околу 80% од оперативните капацитети на војската, во административна позиција во Министерството за одбрана претставува сериозна удар по улогата на Албанците во војската.
„Ова движење ја ослабува командната структура на војската и ја ризикува националната безбедност“,
велат од партијата на Али Ахмети.
Покрај тоа, од партијата сметаат и дека унапредувањето на полковникот Лулзим Нуредини во бригаден генерал и неговото поставување за командант на Командант за обука и доктрина, е само обид за прикривање на, како што велат, оваа неправда.

„Додавањето на еден албански офицер во позиција со ограничено влијание не компензира исклучувањето на клучни воени раководители Албанци од критичните оперативни команди. Ова исклучување е суштински спротивно на основата на Мировниот договор од Охрид, кој е есенцијален за создавање на кохезивна и ефективна воена сила“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Од партијата го повикуваат НАТО и меѓународните сојузници да реагираат, на како што велат, овие ризични дејствија. Дополнително од ДУИ ја повикуваат претседателката итно да ги поништи указите, кои, како што велат, се директен и сериозен идар врз мултиетничкиот карактер на државата.
Инаку, од ДУИ претходно обвинија дека во земјава се случува етничко исклучување на Албанците од безбедносните и разузнавачките служби што, според нив, може да има драматични последици.
Ваквите тврдењата ДУИ ги наведе во соопштение, објавено на 19 февруари, додавајќи дека според нив масовното исклучување на Албанците од овие институции не е само чин на дискриминација, туку, маерно и добро осмислено исклучување.
Целта, како што рекоа тогаш од партијата, не е само маргинализацијата, туку и оживување на, како што наведуваат, опасниот менталитет кој со децении ја перципираше албанската популација како внатрешен непријател.