Процесот на интеграција во ЕУ, порачала претседателката, треба да се спроведе врз основа на принципот на заслуги и на Копенхашките критериуми, оти во нив е клучот за развојот
Потребна е засилена поддршка од европските институции за надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите, порачала претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на средбата што попладнево ја оствари со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје.

Процесот на интеграција во Европската Унија, порачала Сиљановска-Давкова, треба да се спроведе врз основа на принципот на заслуги и на Копенхашките критериуми оти, како што рекла, во нив е клучот за развојот.
„Претседателката истакна дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ. Изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста од новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување“,
информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Тема на средбата биле и имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан.
„Заблагодарувајќи се за нејзиниот личен ангажман и заложби во однос на проширувањето, претседателката Сиљановска-Давкова посочи дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до ЕУ“,
велат од претседателскиот кабинет.
Во контекст на регионалните случувања, Сиљановска-Давкова посочила дека напредокот постигнат од секоја земја кандидатка од Западен Балкан позитивно влијае на регионалната динамика на пристапувањето кон ЕУ.