Од кабинетот на претседателката велат дека ова нема да влијае врз работата на институцијата затоа што законот дозволува до изборот на нов, функцијата да ја врши актуелниот гувернер на Народната банка
Иако најавено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска нема да го достави предлогот за нов гувернер на Народната банка до Собранието. Од нејзиниот кабинет информираат дека таа вчера имала средби со кандидатите за гувернер и дека ќе направи дополнителни анализи пред да го достави предлогот до парламентот.

Од кабинетот на претседателката велат дека неколкудневното одложено доставување на предлогот за нов гувернер нема да влијае врз работата на институцијата затоа што законот дозволува до изборот на нов, функцијата да ја врши актуелниот гувернер на Народната банка, во случајот гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Дека предлогот за нов гувернер ќе биде доставен во Собранието во текот на оваа недела потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека бил известен за ова од претседателката.
„Знам дека претседателката имаше одредени консултации во текот на викендот. Претпоставувам дека деновиве треба уште еднаш да се видиме, да поразговараме и потоа сум сигурен дека до крајот на неделата или во рамки на оваа недела да биде испратен предлогот за нов гувернер“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан дали постојат одредени несогласувања помеѓу него и претседателката во врска со изборот на предлог-кандидатот за гувернер на Народната банка, Мицкоски вели дека не постојат такви несогласувања.
Меѓу кандидатите што се споменуваат за оваа функција се актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, како и поранешните министри за финансии Трајко Славески и Зоран Ставрески.
Мандатот на актуелната гувернерка на НБ, Анита Ангеловска-Бежоска, истекува на 21 мај годинава.