Во разговор со своите македонски и црногорски колеги на маргините на самитот, шефот на унгарската дипломатија посочил дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе ја зајакне стабилноста во регионот и безбедноста на континентот, а Унгарија ќе работи на забрзување на тој процес за време на нејзиното претседавање со Унијата
Унгарското претседателство со Европската Унија (ЕУ) ќе вложи фокусирани напори да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и да отвори барем уште едно поглавје во преговорите, изјави денеска министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, на маргините на НАТО-самитот во Вашингтон.

Во разговор со своите македонски и црногорски колеги на маргините на самитот, Сијарто посочил дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе ја зајакне стабилноста во регионот и безбедноста на континентот, а Унгарија ќе работи на забрзување на тој процес за време на нејзиното претседавање со Унијата.
„Унгарското претседателство со ЕУ ќе вложи фокусирани напори да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и да отвори барем едно поглавје во преговорите. Во однос на Црна Гора, унгарското претседателство би сакало да го олесни затворањето на најмалку седум, но оптимално девет или десет поглавја пред крајот на годината. Сметаме дека Црна Гора ги презеде неопходните чекори“,
посочи Сијарто.
Зборувајќи за актуелната политика на проширување на ЕУ, Сијарто рече дека таа го губи кредибилитетот секогаш кога некоја западноевропска или балтичка земја го попречува пристапувањето на земја од Западен Балкан.
На 1 јули годинава Унгарија го презема ротирачкото претседавање со Европската Унија. Меѓу приоритетите на земјата во претстојните шест месеци, додека ќе претседава со Унијата, е и приближување на земјите од Западен Балкан чекор поблизу до членството во ЕУ.