Неговата реакција следи откако САД ја ставија НИС на „црната листа“ затоа што мнозински сопственик е руската компанија „Газпром нефт“

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека американските санкции за Нафтената индустрија на Србија (НИС) може да доведат до недостиг и повисоки цени на нафтата на европскиот пазар.
Неговата реакција следува откако САД ја ставија НИС на „црната листа“ затоа што мнозински сопственик е руската компанија „Газпром нефт“.
Сијарто рече дека новиот пакет санкции на американската администрација во заминување предизвикува сериозни проблеми за Централна Европа, поради што унгарската влада ќе биде во тесна консултација со партнерите во регионот за да се минимизира зголемувањето на цената на горивото.
Во соопштението доставено до агенцијата МТИ, Сијарто истакна дека по воведувањето санкции против НИС, количината на сурова нафта што пристигнува во регионот може да се намали, па затоа и преработката ќе се намали, што ќе доведе до многу поголема потреба од готово, веќе рафинирано гориво, бензин и дизел-масло.
Во 2008 година НИС беше продадена на руски „Газпром нефт“, а во моментов, според официјалните податоци, „Газпром нефт“ и „Газпром“ имаат 56,15 отсто сопственост, додека 29,87 отсто е во сопственост на српската држава.
