Пекинг одби да ја осуди инвазијата на нејзиниот близок партнер Русија, а Си рече дека сака двете страни да го задржат моментумот на преговорите, да ги надминат тешкотиите и да продолжат со разговорите за да постигнат резултати
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг денеска повика на максимална воздржаност во Украина нарекувајќи ја кризата „длабоко загрижувачка“ за време на видеосамитот со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува Гардијан.

Фото: EPA-EFE/BENOIT TESSIER / POOL MAXPPP OUT
Пекинг одби да ја осуди инвазијата на нејзиниот близок партнер Русија, а Си рече дека сака двете страни да го задржат моментумот на преговорите, да ги надминат тешкотиите и да продолжат со разговорите за да постигнат резултати.
„Би сакале да повикаме на максимална воздржаност за да се спречи хуманитарна криза од големи размери“,
рече тој.
Си додаде оти актуелната ситуација во Украина е длабоко загрижувачка, а Кина тагува поради тоа што на европскиот континент има повторно војна.
Коментарите на Си доаѓаат откако Русија пред повеќе од една недела ја започна инвазијата врз Украина, при што Обединетите нации соопштија дека бројот на луѓе кои бегаат од војната надмина два милиони, што ја прави кризата во Украина најбрзорастечка бегалска криза од Втората светска војна.
Кина, исто така, соопшти дека ќе испрати хуманитарна помош во Украина.
Во меѓувреме, Европската комисија нагласи дека Кина може да биде клучна алка за решавањето на руско-украинската воена криза поради блискоста со Русија.
„Велиме дека Кина е клучна за притисок врз Русија да ја прекине агресијата и овој напад без преседан, Кина има потенцијал да комуницира со Москва и би сакале Кина да го искористи своето влијание за да притисне за прекин на огнот“,
изјави портпаролот за надворешна политика во Европската комисија, Петер Стано.