„Стабилен, здрав и одржлив однос меѓу Кина и Сад е во заеднички интерес на двете земји и е во согласност со очекувањата на меѓународната заедница“, рекол кинескиот претседател во честиката до Трамп
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг во порака до новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп вели дека Пекинг и Вашингтон мора да најдат начин за меѓусебно разбирање, објавија утрово кинеските државни медиуми.
Изборната победа на Трамп, како што пишува британски „Гардијан“, е најава за можна промена во односите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина, кои изминатите години беа обременети со тензии околу повеќе прашања, од трговијата до статусот на Тајван.
Во честитката до Трамп, кинескиот претседател истакнал дека историјата досега покажала дека Кина и САД имаат корист од меѓусебна соработка и дека конфонтацијата не им носи добро на двете држави, соопштила кинеската државна телевизија Си-си-ти-ви (CCTV).
„Стабилен, здрав и одржлив однос меѓу Кина и Сад е во заеднички интерес на двете земји и е во согласност со очекувањата на меѓународната заедница“,
рекол Си во честитката.
Тој повикал на зајакнуавње на дијалогот и комуникацијата меѓу Пекинг и Вашингтон и правилно менаџирање на разликите.
„Двете земји мора да најдат правилен начин да се сложуваат во оваа нова ера, од што корист ќе имаат двете земји и светот“,
порачал кинескиот претседател.
Вчера, Министерството за надворешни работи на Кина му ја честиташе победата на Трамп на претседателските избори во САД, наведувајќи дека политиката на Пекинг кон Вашингтон е конзистентна.
Ќе продолжиме да ги гледаме и да ги водиме односите меѓу Кина и САД согласно со принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни“,
изјави портпаролката на кинеското МНР, Мао Нинг на брифинг со новинарите.
Во врска со победата на Трамп вчера се огласи и руското МНР со порака оти Русија ќе соработува со новата американска администрација бранејќи ги своите интереси.