Како што посочуваат од ОЈО Скопје и од МВР, станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриена шема за шверц на луксузни автомобили од странство преку фалсификување на службени и други исправи
Под сомненија дека извршиле кривично дело фалсификување службена исправа, постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи
Скопското Основно јавно обвинителство повело постапка против три лица осомничени дека изминативе години од Бугарија во земјава успеале да прошверцуваат неколку луксузни возила и со лажни документи да извадат сообраќајни дозволи за нив.

Акцијата, како што соопштија од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи (МВР), била реализирана вчера. Инаку, како што посочуваат оттаму, станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриена шема за шверц на луксузни автомобили од странство преку фалсификување на службени и други исправи.
Дел од учесниците во оваа шема, како што наведуваат од Обвинителството, се претходно обвинети, а на дел веќе им се изречени пресуди. За неколкумина од нив, пак, како што додаваат истражните органи на земјава, кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за државјани на нашиот источен сосед.
Споделувајќи детали за акцијата, од Обвинителството и МВР наведуваат дека во неа биле обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен во март 2022 година, преку граничниот премин „Деве Баир“ поттикнал и организирал шверц на автомобил „тојота ЦХР“, вреден 22 500 евра, а по кој била распишана меѓународна потрага. Притоа, тој искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, и успеал да го регистрира и да извади сообраќајна дозвола за возилото.
Втората осомничена, пак, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на автомобил „лексус НХ300Х, вреден 15 000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага.
Автомобилот осомничената го презела со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадила сообраќајна дозвола во земјава.
Третиот осомничен е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил „ланд ровер – рејнџ ровер евок“, вреден 17 340 евра, со преправен број на шасија. Како и во претходните случи, тој со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.
Под сомненија дека извршиле кривично дело фалсификување службена исправа, постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи.
За тројцата осомничени за криумчарење надлежниот јавен обвинител до судот поднел предлог за определување мерка притвор. За едниот од нив, кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, велат од Обвинителството.
За потсетување, акција за разбување на организирана група која се занимавала со шверц на луксузни возила беше спроведена на крајот на минатата година.
Тогаш беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје и други градови во државата и беше поднесена кривична пријава против 12 македонски и еден странски државјанин за кривичните дела криумчарење и фалсификување исправи и злоупотреба на службената положба. Меѓу осомчените тогаш беа и двајца поранешни вработени во МВР и еден активен службеник во Министерството.