Националната унија на контролори на летање, која бара зголемување на платите поради инфлацијата и вработување дополнителен персонал, прогласи штрајк во Франција и нејзините територии во странство
Француската авиокомпанија „Ер Франс“ денеска информираше дека в петок ќе бидат откажани 55 отсто од летовите на кратки и средни и 10 проценти на долги дестинации поради штрајк на контролорите на летање.
Покрај тоа, можно е доцнење и откажување летови во последен момент, предупредува „Ер Франс“ истакнувајќи оти за тоа патниците ќе бидат известени со СМС и преку електронска пошта.
„Ер Франс“ в петок ќе откаже од 400 до 800 лета и упати апел до патниците да ги одложат патувањата планирани за тој ден.
Генералниот директорат за цивилно воздухопловство ги повика авиокомпаниите да откажат половина од своите летови в петок.
Националната унија на контролори на летови, која бара зголемување на платите поради инфлацијата и вработување дополнителен персонал, прогласи штрајк во Франција и нејзините територии во странство.
Минатата недела и „Луфтханза“ се соочи со ваков проблем, но поради штрајк на пилотите.