Тие бараат зголемување на платите од 5,5 отсто годинава и автоматско приспособување на примањата на инфлацијата во наредниот период
Пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ повторно ќе штрајкуваат оваа недела, соопшти денеска Синдикатот на летачкиот персонал.
Пилотите на „Луфтханза“ штрајкуваа и минатата недела што ја принуди компанијата да откаже стотици летови.
Синдикатот на летачкиот персонал „Фереинигунг кокпит“, кој обединува над 5 000 пилоти, појасни дека пилотите на патничките линии ќе штрајкуваат во среда и четврток, а на товарните летови од утре до петок.
Тие бараат зголемување на платите од 5,5 отсто годинава и автоматско приспособување на примањата на инфлацијата во наредниот период.
Според „Луфтханза“, исполнувањето на барањата на синдикатот би ги зголемило трошоците за 40 отсто, односно за околу 900 милиони евра во наредните две години.
Авиокомпанијата понуди зголемување на основната плата за 900 евра во две фази во период од 18 месеци. Тоа, како што се наведува, би резултирало со над 18 отсто поголема плата за почетни работни места и за пет отсто повисоки месечни примања за повисоките позиции.
Барањата на синдикатот се совпаѓаат со растот на цените на енергентите и храната, а доаѓаат во момент кога инфлацијата во Германија порасна на највисоко ниво во изминатите речиси 50 години.