Владата ќе му предложи на шефот на државата да одлучи за учество на дел од Армијата во справувањето со огнената стихија
Одлуката за постоење кризна состојба на територијата на Северна Македонија, во траење од 30 дена, е донесена заради потребата од рационално користење на националните ресурси и координирано дејствување на сите засегнати институции, со оглед на зголемената појава на пожари и спречување од нивно ширење, информираа од Владата, по денешната онлајн седница со која претседавал првиот вицепремиер Артан Груби.
Одлуката, како што се посочува, е на предлог на Управувачкиот комитет, чии членови, на вчерашната седница, го прифатија предлогот на Групата за процена.
Како што информираат од Владата, за Одлуката ќе бидат известени претседателот Стево Пендаровски и Собранието.
Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци:
- На претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Северна Македонија во справување со кризната состојба,
- Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
- Министерството за внатрешни работи, Армијата, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство, со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да бидат во функција за справување со кризната состојба,
- Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Северна Македонија.