Според Законот за управување со кризи, кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба
Владата ја усвои одлуката за прогласување кризна состојба во наредите 30 дена поради ситуацијата со пожарите, соопшти првиот вицепремиер Артан Груби, во изјава за настан по повод 20-годишнината од Рамковниот договор.
Груби рече дека претпладнево тој ја водел седницата на Владата, на која е прифатен предлогот на Управувачкиот комитет за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава.
Тој посочи дека и други земји во Европа во овој период се соочуваат со пожари, поради големите жештини, и изрази надеж дека прогласувањето на кризната состојба, заедно со забраната за движење по шуми, ќе придонесе за надминување на ситуацијата со пожарите во земјава.
„Се обидуваме со целосна мобилизација на капацитетите да се справиме со пожарите. Сметаме дека ваквата одлука, заедно со забраната за движење во шуми, ќе помогне да ја запреме огнената стихија. Речиси над 80 проценти од пожарите се предизвикани од човечки фактор“,
рече Груби.
Кризна состојба се прогласува при ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.
Според Законот за управување со кризи, кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.
Кон крајот на минатата година, беше прогласена кризна состојба поради состојбата со ковид-19, во екот на вториот бран. Исто така, веќе неколку години во земјава се продолжува кризната состојба на јужната и на северната граница, поради ситуацијата со мигрантите.