Одлуката на Уставниот суд да го прекине мораториумот за градби до конечна оценка за неговата уставност, ја усложнува и онака комплицираната урбанистичка состојба во центарот на Скопје.
„Имавме состаноци со Северозападна, Градежната комора итн, за да им кажеме дека само ќе се вртиме во круг, оставете ни простор и време да го завршиме процесот кој сме го почнале и не дојдовме до разбирање.“, вели градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.
„Не успеавме да оствариме никаква соработка со општина Центар затоа што ние бевме ставени во позиција дека ние сме непријатели.“, тврди претседателот на Градежната комора Ивица Јаќимовски.
Дали Судот ќе го урне клучното предизборно ветување на СДСМ и коалицијата во Центар, но и уставното право на граѓаните на хуман простор и заштита и унапредување на животната средина.
„Ова е е една битка која дефинитивно ја изгубивме, не мислам дека не сме ја изгубиле војната.“, вели претседателката на Советот на општина Центар Јана Белчева.
„Добро, секаде може стокатници, може и секаде ќе се направи инсталација, инфрастуктура и школи, градот нема толкав капацитет за таков начин на размислување.“, предупредува проф. Дивна Пенчиќ, членка на Комисијата за урбанизам во општина Центар.
И додека Уставниот суд, Општина Центар и градежниците секој нa свој начин толкуваат дали мораториумот е уставен или не, претседателката на Антикорупциската комисија отвори нова перспектива во случајот. Таа е сомничава кон постапувањето на уставните судии.
„Постојат коруптивни елементи, затоа што не е логично Уставниот додека да донесе одлука, да прекинува акт. Самото тоа упатува на нешто.“, вели Билјана Ивановска од ДКСК.
Барањата за одобренија за градби во општина Центар остануваат замрзнати додека Судот не ја официјализира одлуката за привремено суспендирање на мораториумот. Но, штом се објави во Службен весник, пропаѓаат плановите кои се ревидираа оти не се изгласани на Совет, а иако спорни се враќаат на сила ДУП-овите кои беа под мораториум.
„Електронски е системот за издавање дозволи за градба, колку вкупно такви закочени барања за издавање на дозволи има, не би сакала да шпекулирам, но тие сите ќе можат да бидат ослободени. Јас, еве вака ќе ви кажам илустративно неколку илустративни примери кои можат да ни се случат. Искрено верувам дека со тоа нема никого да поттикнам да го направи на дело, она што ние го стопиравме да се гради. На пример, една катна гаража на зеленило во самиот центар на град, или да се гради еден огромен хотел на земјиште во Маџир Маало на кој сега планиравме да биде градинка, бидејќи тоа е потреба на граѓаните таму, или еден огромен блок кој треба да никне, односно може да никне во Крњево.“, вели Белчева.
Професорката на Архитектонскиот факултет и член на комисијата за урбанизам во општина Центар, Дивна Пенчиќ, преку макети доловува дел од последиците од одлуката на Уставниот суд. Како пример за нехумано и непрофесионално планирање на просторот го посочува планот за паркингот наспроти Холидеј Ин, кој предвидува облакодери од 60 ката.
„Сегашната состојба навистина не доликува за градски центар, и навистина треба да се гради овдека. Меѓутоа што ќе се гради, сигурно не ова што е предложено. Значи ова е еден нехуман простор. Ќе видите еден размер на објекти, ако е ова трговски центар, ова е катната гаража кај Синдикален дом, и ова се кулите од Градски ѕид. Можноста вака да изгледа навистина претставува несоодветно планирање. Овде според пресметките, колку е максимумот, 11 000 жители би можеле да живеат, замислете колку е тоа. Можеме цела Источна Македонија, ако ги собереме градовте, колку имаат, Берово, Пехчево, Македонска Каменица, Делчево сите да ги сместиме тука. Па дали ни е тоа целта? Да ги иселиме сите и тука да ги сместиме? Или ова ќе стане град на духови, зашто што ќе имаме празни трговци единици, ќе имаме празни станови.“
Мораториумот за мораториумот значи изгубен простор и кај фабриката Треска, вели професорката Пенчиќ.
„Тој долго време е предмет на интерес на многу инвеститори, но досега никој не смогнал сили да го реализира. Ова е важечкиот план со кој никако не се согласуваме, гледајте ги неговата голема, во однос на околината. И сега со ваква изграденост ни изгледа таму преизградено, како ќе изгледа кога овие се толку големи. Повторно ќе имаме проблем на излегување, на собирање на отпад, каде ќе одат децата во градинка. Тука има една мала градинка, која ни сега не и е доволен капацитетот. Школото „Песталоци“ кое е блиску или „29 Ноември“ и сега се преоптеретени со деца. Интересно е како ги планираат трафостаниците, во секоја од овие треба да има трафостаници, на ништо нема да личи, децата ќе ни играат околу трафостаници.“, додава Пенчиќ.
Одлуката привремено да се прекине мораториумот додека Уставниот суд не одлучи финално дали е уставен или не, ќе нанесе ненадоместлива штета, вели професорката Пенчиќ. Но, градежните компании преку комората, се жалат дека штета трпи и секторот, и сметаат дека мораториум ниту е законско решение ниту е крај на проблемите со урбанизмот во Центар.
„Ние како Градежна комора поддржуваме исклучиво квалитетни детални урбанистички планови.
-Мислите дека се квалитетни тие кои немаат обезбедено паркинг-простор, нула зеленило, никакви услови за хумано живеење?
Значи, деталните урбанистички планови кои претходно ги донеле институциите на општините, треба да сносат санкции за тоа што го донеле. Постоело урбана мафија, меѓутоа дали градежниците се мафија, или урбанизамот или тие што го носат деталниот урбанистички план, значи треба малце пошироко да ги поставиме сите работи и не може да се детектираат сите слабости и проблеми во градежниот сектор кој не носи детални урбанистички планови.“ вели претседателот на Градежна комора Ивица Јаќимовски.
Зошто општина Центар успеа да ревидира и изгласа само 2 од вкупно 31 проблематичен план, професорката Пенчиќ образложи за „360 Степени“ пред една недела.
„Ние дојдовме до план кој е пред донесување на Совет, кој ги поминал сите, општина Центар – комисија, Град Скопје, министерство за транспорт и врски, е па не може таму да пишува Свети Николе или Штип, а ние гледаме план за Центар. Тоа значи дека никој не ги прочитал или и да ги прочитал, кога ќе се даде забелешка на планерот, тој вика добро, ќе поправам и нема да поправи. Ние како комисија гледаме, даваме забелешки и потоа не добиваме назад, или немаме можност, тоа трае со години да го видиме крајниот документ.“, рече тогаш Пенчиќ.
Сепак, од Градежната комора уверуваат дека нема да градат додека Уставниот суд не го расчисти случајот. Според нив, работите стигнале толку далеку по вина на општината.
„Зошто тоа заеднички не го стaвиме во временска рамка? Наредниве шест месеци, ќе дадеме, ќе ангажираме се што постои во оваа држава, сите планери, ќе се вклучиме сите градежни компани и тоа ќе го завршиме во одредена временска рамка од шест месеци.
-Епа зошто не го побаравте тоа, туку поднесовте иницијатива до Уставен?
Ние како Градежна комора поднесовме барање за да склучиме меморандум за соработка со општина Центар и ние до поднесување на Иницијативата не успеавме да оствариме никаква соработка со општина Центар затоа што бевме ставени во позиција дека ние сме непријатели, што е апсурд.“, тврди Јаќимовски.
Општина Центар не смее да донесе одлука за нов мораториум. Има други правни лекови, вели градоначалникот Богдановиќ, но засега не посочува конкретни чекори. Ако мнозинството судии во Уставен, кои привремено го стопираа мораториумот, по еден месец и дефинитивно го прогласат за неуставен, тогаш на Центар не му бега бетонирање на бетонизацијата. Претседателката на општинскиот Совет Белчева, која активно работеше на ревидирање на ДУП-овите, се уште сака да верува во нешто што се чини неостварливо.
„Да завладее човековото достоинство, да се ослободиме од сите коруптивни спреги и од сите други кои го попречуваат патот за нормален развој на оваа земја да ги достигне оние вредности кон кои ние како обични граѓани целиме.“, порачува Белчева.
Напишете коментар