Од СДСМ велат дека барањето е нереално, а од ВМРО-ДПМНЕ дека ако се оди на предвремени избори, како што бараат тие, секако, ќе има техничка влада. ДУИ и Алтернатива избраа да не одговорат на прашањата на „360 степени“
Барањето на Алијанса за Албанците (АА) за формирање техничка влада, за владејачкиот СДСМ е нереално, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако се прифати нивната иницијатива за предвремени избори, секако, ќе има техничка влада.
Аргументирајќи ја идејата за техничка влада, лидерот на АА, Зијадин Села, синоќа во Тетово рече дека таа е одговор на повеќе проблеми со кои се соочува државата.

„Сегашната влада предводена од Димитар Ковачевски нема легитимитет, затоа што тој не е избран на избори. ДУИ нема легитимитет затоа што ветуваше прв премиер Албанец, но тоа не го исполни. Тука се и проблемите со уставните измени, процесот на водење на државата во преговорите со ЕУ, нефункционалноста на државата поради корупцијата и многу други работи“,
порача Села.
Потпретседателот на Алијанса, Арбен Таравари, пак, вчера во изјава за ТВ Алсат рече дека во сегашната ситуација уставните измени се невозможни, па верува оти техничка влада би била решение. Според него, политичките партии треба да понудат експерти кои за година или година и пол би ја подготвиле земјата за следните парламентарни избори.

„Да средат малку во поглед на енергетските кризи, економските кризи, здравствените кризи, образовните кризи. Би се работело на стабилизација на земјата и подготовка за започнување на преговорите и за евентуалните уставни измени кои ѝ се неопходни на нашата земја“,
додава Таравари.
За идејата, „360 степени“ побара став од најголемите партии.

Од СДСМ велат дека барањето на Зијадин Села е нереално.
„Во недостаток на визија и програма, Села се обидува да го одвлече мниманието од себе со нереални барања за кои нема никаква основа. Парламентарното мнозинство е стабилно, а владата предводена од СДСМ е целосно фокусирана на креирање мерки и решенија за ублажување на енергетската криза и токму тоа им е потребно на граѓаните – решенија и мерки, а не уште еден циклус на избори со кои ќе се закочат важните процеси. Време е за решенија, време е за работа, земајќи предвид дека сме со отпочнатти преговори со Европската Унија. Сите политички субјекти треба да покажат одговорност во ова време“,
велат од СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, за „360 степени“ велат дека ако се оди на предвремени избори, како што бараат, секако ќе има техничка влада.
„ВМРО-ДПМНЕ бара предврени избори кои, секако, кога ќе се случат, ќе има техничка влада. Решението на целата економска и политичка криза е смена на власта и тоа го препознаваат и знаат и граѓаните и јавноста“,
велат од партијата.
Побаравме став и од ДУИ и од Алтернатива, но двете владејачки партии не ни одговорија на прашањата.