„Секако дека подобар резултат од тоа што го имавме во минатото“, вели новиот генерален секретар на СДСМ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
360°: Што ќе биде за вас успех на локалните избори? Како ќе дефинирате успех?
Димитријевиќ: Секако дека подобар резултат од тоа што го имавме во минатото.
360°: Од парламентарните мислите?
Димитријевиќ: И од парламентарните и од минатите локални избори.
360°: Може ли да се случи да не добиете ниту едно градоначалничко место? Ако ги гледаме анкетите, ВМРО-ДПМНЕ е во тројна дури и четири пати поголема предност од вас.
Димитријевиќ: Видете, видовме во изминатите три и пол години што значи владењето на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, не треба многу широко да ги бараме примерите, земете го Град Скопје и политиката што ја води ВМРО ДПМНЕ во Град Скопје. Така што, верувам дека граѓаните ќе го препознаат тоа на локалните избори.
360°: Како ќе се поставите во Скопје на локалните избори?
Димитријевиќ: За Град Скопје ќе имам една широка дискусија околу тоа кој би бил најдобар можен кандидат и веќе работиме на изработка на одредени програми што ќе ги таргетираат сите овие ситуации, сите хаотични состојби во градот на кои сме сведоци во изминатите три и пол години, а сите се резултат на препукувањето помеѓу ВМРО ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска.
360°: Во ВМРО ДПМНЕ не кријат, има внатрепартиска трка за тоа кој да биде нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, претпоставувам антиципирајќи дека тој ќе биде и најсериозниот кандидат за градоначалник на главниот град утре. Ги гледаме Орце Ѓорѓиевски, министерот Златко Перински, градоначалникот на Гази Баба покажуваат отворена амбиција. Кај вас кога може да ги очекуваме имињата?
Димитријевиќ: Конкретните имиња, во целиот процес што ќе го заокружиме, планираме да бидат објавени крајот на април или почетокот на месец мај.
360°: Ќе се држите ли до таа агенда, тоа е релативно далеку од локалните избори. Кога ќе треба да бидат точно изборите?
Димитријевиќ: Локалните избори се некаде во средината на октомври, ние сакаме да си ги започнеме сега, со време, процесите за да можеме да ги детектираме најдобрите кандидати, ќе биде тоа во неколку фази, ќе имаме јавни расправи меѓу членството, меѓу симпатизерите, луѓето коишто ќе бидат таму детектирани како најдобри ќе одат на истражување на јавното мислење и така ќе го избереме најдобриот кандидат.
360°: Претпоставам дека еден од предизвиците за вас ќе биде дали актуелните градоначалници од СДСМ да добијат шанса за нови мандати. Имате ли некаков принципиелен став во однос на тоа прашање?
Димитријевиќ: Не, значи процесот во сите општини, во сите општински организации на СДСМ ќе биде подеднаков, независно дали се работи за места каде што имаме сега градоначалници или се работи за места каде што ќе излеземе со други кандидати.
360°: На пример, Центар и Струмица може да се интересни општини затоа што СДСМ таму веќе неколку мандати наназад има свој градоначалник, но сега првпат по подолго време ВМРО ДПМНЕ или некој од партнерите ќе има шанса да се бори за градоначалничко место во овие општини. Во Центар го имате Горан Герасимовски, тој може ли да добие шанса да се трка за уште еден мандат?
Димитријевиќ: Апсолутно, сите кандидати што ќе бидат и сите што ќе излезат со најдобар рејтинг и што ќе ја имаат поддршка од членството, би ја добиле шансата.
360°: Што ако анкетите покажат дека има незадоволство од тие кандидати?
Димитријевиќ: Секаде каде што има незадоволство ние како СДСМ тоа што го кажуваме дека сме ги научиле грешките на некои изминати избори, тоа ќе го поправиме сега.
360°: Костадин Костадинов, градоначалникот во Струмица, јавна тајна е дека има анимозитет со дел од партискиот разгранок. Може ли тоа да се залепи?
Димитријевиќ: Прво сметам дека СДСМ си ги решава работите внатре во партијата и не чувствувам дека има некаков проблем на тоа поле, така што и во Струмица, како и во другите места, ќе излеземе со кандидати коишто ќе бидат општоприфатени.