Десет години по првата препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, ова прашање останува отворено дури и по решавањето на спорот за името. Земјите-членки на ЕУ лани сами го најавија датумот за овој јуни, но цел сплет на околности ја држи во неизвесност одлуката за Македонија. Главната „игра“ е на релација Брисел-Берлин-Париз. Европската комисијата притиска за датум, германската влада тоа го поддржува, но проблем е кусиот рок од неколку дена за Бундестагот да се согласи, додека Париз тактизира и ги чека резултатите од европските избори закажани за 26 мај. Понеделничкиот самит за Западен Балкан во Берлин, во присуство на Меркел и Макрон, долеа уште масло на огнот, иако состанокот беше примарно посветен на дијалогот Белград-Приштина, а пораките за Северна Македонија, не содржеа референци за датум за преговори, но го посочија Договорот од Преспа како позитивен пример за целиот регион.
Меркел и Макрон јавно не зборуваа за почеток на преговори со земјава, но по враќањето од самитот, премиерот Заев неколкупати повтори дека на затворените состаноци добил позитивни сигнали.
Јавната воздржаност на Меркел и Макрон, опозицијата во Македонија ја искористи за нова серија обвинувања до власта. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ЕУ е разочарана од постигнувањата на владата.
Во сложената равенка околу датумот, освен домашните реформи, спроведувањето на претседателските избори, исходот од изборите за Европскиот парламент, можноста за зајакнување на екстремната десница, важна е и Албанија и желбата на врвот на Европската комисија, пред се на Федерика Могерини, Скопје и Тирана во пакет да добијат датум за преговори. Ваквото сценарио се смета за отежнувачки фактор за Македонија зашто албанското досие, засега, потешко поминува и во Берлин и во Париз и во Хаг.
Напишете коментар