Родителите на Пешева сметаат дека правдата ќе биде задоволена ако тој биде осуден на доживотна казна затвор, затоа што според нив не изразил каење по извршувањето на убиството и наместо веднаш да се пријави во полиција, првин отишол во казино, каде што ги искоцкал парите што претходно ги земал од нивната ќерка
Штипското Основното јавно обвинителство денеска побара Судот да му одреди доживотна казна на Фадил Зејнелов, кој на почетокот на ноември лани ја уби 29-годишната штипјанка Емилија Пешева со која бил во вонбранчна врска.

Главната расправа од судскиот процес за свирепото убиство започна и заврши денеска во Основниот суд во Штип, со давање воведни и завршни зборови.
Ваквиот исход произлезе откако обвинетиот Зејнелов призна вина за кривичното дело и рече дека мотивот за убиството било неверство.
Инаку, тој е обвинет за кривичното дело убиство при вршење семејно насилство или фемицид.
Покрај Обвинителството, доживотна казна за Зејнелов побараа и двајцата адвокати на семејството Пешеви.
Родителите на Пешева сметаат дека правдата ќе биде задоволена ако тој биде осуден на доживотна казна затвор, затоа што според нив не изразил каење по извршувањето на убиството и наместо веднаш да се пријави во полиција, првин отишол во казино, каде што ги искоцкал парите што претходно ги зел од нивната ќерка.
Според сведоштвата на родителите, кои ги пренесуваат медиумите, Пешева и претходно често била малтретирана од страна на Зејнелов.
„Барам доживотна казна затвор. Тоа имам да му порачам и да го замолам судијата, кога ќерка ми ќе излезе од гроб, тогаш и убиецот нека излезе од затвор“,
изјави мајката на Емилија Пешева, пренесува МИА.
Мајката на Пешева изјавила дека дента кога Зејнелов ја повикал да се сретнат во напуштениот објект на Јавното претпријатие „Исар“ во близина на нивниот дом, во последен момент спречила со ќерка ѝ да замине и нејзиниот малолетен син.
Со судечкиот совет кој го води предметот претседава судијата Сашко Георгиев, кој до неодамна беше член, а лани извесен период и претседател на Судскиот совет.
По завршувањето на главната расправа денеска, откако по сослушувањето на воведните и на завршните зборови на сите странки во постапката, Георгиев најави дека пресудата ќе биде објавена в среда (12 февруари) во 13 часот во Основниот суд во Штип.
Свирепото убиството на 29-годишната Емилија Пешевска се случи на 1 ноември лани.
Според Обвинителството, Фадил Зејнелов со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка при вршење семејно насилство.
По претходен договор, тие се сретнале пред нејзиниот дом, а потоа заедно отишле во напуштен објект на ЈП „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска.
„Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници“,
соопштија од Обвинителството на 24 декември, кога информираа дека е поднесено обвинение против Зејнелов.
Кога жената паднала на подот, според Обвинителството, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала.
Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во полициска станица.