Штип и денеска е втора општина по бројот на новозаразени со коронавирусот, според здравствениот билтен. Потврдени се 29 нови случаи, со што бројката на активни случаи во градот на текстилната индустрија се искачи на 409. Епидемиолозите не очекуваат наредните денови да се намалува бројката бидејќи денеска имале поголем број тестови.
„Нашиот тим само денеска зема вкупно 100 бриса, дел се нови, но имаме и контролни. Се земаат брисеви од суспектни случаи, на пример, ако жената е болна, се појавуваат симптоми кај сопругот и го тестираме. Најголем дел од случаите денеска се со упат преку матичен лекар“,
вели Марија Димитрова, директор на Центар за јавно здравје-Штип.
Во Штипскиот Регион денеска нема регистрирани оздравени пациенти од ковид-19. Епидемиолозите бараат од граѓаните да ги почитуваат мерките, кои се само три основни правила да не се шири вирусот, а тоа е носење маски, држење дистанца и често миење на рацете.