Германскиот претседател во текот на својот говор неколкупати нагласи дека ЕУ е историски најголемиот мировен проект што треба да се брани бидејќи не се подразбира сам по себе и не е неуништлив
Западен Балкан не смее да се остави долго да чека пред портите на Европската Унија бидејќи не смее да остане сива зона за руското деструктивно влијание. Ова е пораката што денеска, по повод 20-годишнината од членството на Чешка во Унијата ја испратија претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, претседателот на Чешката Република, Петр Павел, и чешкиот премиер Петр Фијала на заедничка прес-конференција во Прага.
Германскиот претседател рече дека нападот на Русија не е само врз Украина, туку и врз сите историски лекции што Германија и Чешка и цела Европа ги научиле од двете светски војни.

„После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор. Со рускиот напад врз Украина, војната се врати во Европа. Подмолниот напад врз нашиот сосед е истовремено и напад на идејата за мирољубив соседски живот во Европа, кршење на меѓународното право со последици далеку надвор од границите на Украина, кои не засегаат сите нас“,
рече Штајнмајер.
Германскиот претседател во текот на својот говор неколку пати потенцираше дека ЕУ е историски најголемиот мировен проект што треба да се брани бидејќи не се подразбира сам по себе и не е неуништлив.
„Руската агресија е напад на сите лекции што ги научивме во Германија и Европа од двете светски војни. На тој напад можеме да одговориме на единствен начин – со поддршка на Украина како составен дел на Европа и идна членка на ЕУ“,
рече Штајнмаер.
Претседателот на Чешка, Петр Павел, посочи дека безбедноста на ЕУ не почнува од нејзините граници, туку многу подалеку и оти е неприфатлива индиферентноста кон соседите на Унијата.

„Имам разбирање за земјите кои стојат пред вратата на ЕУ, нивните амбиции ја докажуваат привлечноста на тој проект. Проширувањето е исто така геополитичка неопходност. Ако ги оставиме Западен Балкан, Украина и Молдавија да стојат пред вратата на ЕУ, ќе ги оставиме на милост и немилост на Русија и на актерите кои не и посакуваат добро на Европа“,
рече чешкиот претседател.
Чешкиот премиер Петр Фијала, исто така, истакна дека проширувањето со Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово е неопходно за безбедноста на континентот и самата ЕУ.
„Да им ја дадеме таа шанса и да ги искористиме можностите што ќе ни ги донесе тоа. Тоа проширување е неопходност за безбедноста на ЕУ. Секоја друга опција е полоша за нив, како и за нас“,
рече Фијала.
Зборувајќи за клучните достигнувања и придобивки од проширувањето пред две децении за сите членки на ЕУ, не само економски, туку пред сè мировни и решавање на проблемите и несогласувањата со постигнување компромис, и претседателот и премиерот на Чешка истакнаа дека Европа сега мора активно да се брани бидејќи не е неуништлива и од надворешни закани, како што е агресивната политика на Русија, и од внатре.
„И внатре во ЕУ има оспорување на основните демократски вредности. Неодговорните популисти го оспоруваат целиот проект на ЕУ. Кругот ѕвезди на знамето на ЕУ ја покажува природата на нашата заедница – сите ние сме поврзани и во исто време слободни. На ЕУ ѝ треба да се брани бидејќи таа сигурно не е неуништлива, како што предупреди во својот говор претседателот Макрон во Сорбона. Опасно е да се однесуваме како тоа што сме го постигнале да е засекогаш сигурно“,
рече германскиот претседател.