Производителот на дронови Селчук Бајрактар, кого поради начинот на кој го промени модерното војување го нарекуваат турскиот Илон Маск, се шпекулира дека би можел да тргне по стапките на таткото на неговата сопруга и да стаса до врвот на турската политика
Неколку дена по земјотресот на 6 февруари, Селчук Бајрактар стоеше пред урнатините кои ги предизвика катастрофалната трагедија во која животот го загубија повеќе од пет илјади луѓе, а стотина илјади останаа без своите домови. Изгледаше исцрпено и тажно. На снимката која Бајрактар ја објави на Твитер, вети дека ќе изгради 1 000 нови домови и 2 000 објекти за сместување на жртвите.
Бајрактар не е член на спасувачки тим. Ниту е член на турската влада. Тој е сосопственик на турската компанија „Бајкар“. Леталата на далечинско управување кои ги произведува таа компанија станаа култни во Украина, помагајќи ѝ на тамошната војска да ја одбие руската инвазија. Еден украински војник им посвети поп-песна, а во зоолошката градина во Киев, новороденчето на лемурот го доби името Бајкар.
Неговото обраќање по земјотресот создаде впачаток дека се работи за човек кој сака да преземе одговорност. Селчук, син на турскиот бизнисмен Оздемир Бајрактар, е оженет со Сумије, најмладата ќерка на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Многумина сметаат дека токму тој би можел да го наследи на функцијата турски лидер, пишува во својата анализа германски „Дер шпигел“.

Во текстот се наведува дека по 20 години на власта, Ердоган првпат е сериозно исплашен од исходот на изборите кои треба да се одржат на 14 мај бидејќи опозицискиот кандидат Кемал Килиџароглу, според сите истражувања на јавното мислење, е во предност пред него.
„Независно од исходот, Ердоган најави дека ова ќе биде негова последна кандидатура, а тие што ги следат политичките собитија се уверени дека тој бара наследник кому ќе може да му го предаде кормилото. Неговите деца немаат реална шанса да бидат избрани, а Берат Албајрак, сопругот на неговата најстара ќерка Есра, не се прослави на должноста министер за финансии. Токму тоа е причината фокусот сега да е на Бајрактар, чие име сè почесто се споменува во дебатите за наследникот на Ердоган. Во едно неодамнешно телевизиско интервју, Бајрактар ги отфрлил шпекулациите велејќи дека се работи за трачеви“, пишува во анализата.
Тие сепак се уверени дека дури и Ердоган да ги загуби изборите, Бајрактар благодарејќи на успехот се стекнал со толку голема популарност што ниту една влада не ќе може да го игнорира, ниту него ниту неговата компанија. „Неговото влијание во турската политика веројатно само ќе расте“, подвлекуваат од германскиот печат.
Компанијата „Бајкар“ е најголем турски извозник на оружје. Само минатата година таа во 18 земји испорачала дронови и друга технологија во вредност од 1,18 милијарди долари. Седиштето на компанијата се наоѓа во предградието на Истанбул. Според „Дер шпигел“, тоа повеќе наликува на универзитетски комплекс отколку на фабрика за оружје.
„Едно попладне, минатото лето, повеќемина млади, вработени во компанија, се шетаа во фармерки и дуксери. Една група играше одбојка на спортските терени на компанијата. Селчук Бајрактар во канцеларијата на последниот кат од зградата од стакло и бетон ги декорира моделите на леталата додека на закачалката за капути е обесена неговата пилотска јакна“, пишува во описот за амбиентот во кој се работи во Бајкар.
Селчук има 43 години. Неговиот татко Оздемир ја основал компанијата во 1980 година. Таа се занимавала со снабдување со делови за автомобилската индустрија. Мајка му Канан е економист и програмер. Бајрактар вели дека како дете го фасцинирало сè што е поврзано со технологија и дека тоа за него било избор за начинот на живот.
Тој завршил машинство во САД. Студирал на Универзитетот во Пенсилванија и на престижниот Технолошки институт во Масачусетс (МИТ). Во Турција се вратил во 2007 година и помогнал да се отвори отсек за дронови во „Бајкар“. Се пробиле на пазарот седум години подоцна, кога компанијата ја опремила турската војска со дронови во борба против забранетата Работничка партија на Курдистан. Тој патувал на фронтот за да види како функционираат неговите дронови и што би можело да се подобри.
Така, „Бајкар“ станува симбол на турската воена индустрија. Иако Селчук сака да се претставува како технолошки штребер, кого повеќе го интересираат компјутерите од политиката, од „Дер шпигел“ сметаат дека тој внимателно го обликува својот имиџ откако се венча со ќерката на Ердоган. Редовно објавува исламски благослови на Инстаграм и Твитер, каде што има по 2 и пол милиони следбеници. Исто така, поддржува многу образовни иницијативи.

На прашањето дали има политички амбиции, тој вели дека негова главна одговорност во овој миг е компанијата „Бајкар“. Според „Дер шпигел“, Бајрактар располага со сè што е потребно за успешно да се вклучи во турската политика.
„Ердоган во моментот е зафатен со предизборната кампања. Меѓутоа, Бајрактар е доволно млад за да може трпеливо да го чека својот ред“, заклучува „Дер шпигел“ во анализата.