Постапките на Русија уште еднаш покажаа колку Путин е безмилосен. Повторно апелирам до Путин да престане со бесмисленото убивање и целосно да ги повлече своите војници од Украина и да се согласи на мировни преговори, вели германскиот канцелар

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека рускиот претседател Владимир Путин повеќе не може да победи на бојното поле. На заедничката прес-конференција во Берлин со претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис, Шолц повика на итен прекин на „руското бомбардирање на цивилното население“.
„Фактот што Русија со недели ги фрла своите бомби врз цивилната инфраструктура во Украина не само што е неподносливо, туку е и јасно кршење на меѓународното право. Постапките на Русија уште еднаш покажаа колку Путин е безмилосен. Повторно апелирам до Путин да престане со бесмисленото убивање и целосно да ги повлече своите војници од Украина и да се согласи на мировни преговори“,
рече Шолц, пренесува Дојче веле.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека наскоро ќе разговара со Путин.
„Имам намера да остварам директен контакт со него во наредните денови“,
изјави Макрон за новинарите во Париз.
Според Макрон, лидерите ќе разговараат за цивилната нуклеарна енергија и нуклеарната централа Запорожје откако Русите повторија напади врз најголемата нуклеарна централа во јужна Украина. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека станува збор за намерен напад, за кој Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат.
Вчера од МААЕ соопштија дека нуклеарната централа Запорожје повторно била исклучена од надворешно напојување. Фабриката сега се потпираше на дизел генератори за итни случаи.
Електраната се наоѓа во областа Запорожје, која беше прогласена за анектирана од Русија. Во октомври, Путин издаде декрет со кој ја става нуклеарната централа под руска контрола.