Шолц истакна дека Светската банка проценува дека во следната деценија ќе бидат потребни 500 милијарди долари помош за обнова на Украина
На меѓународната конференција за обнова на Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц повика на натамошно зајакнување на воздушната одбрана на земјата од руските напади јави ДПА.
Тој ги повика сојузниците да ја поддржат иницијативата на Германија за зајакнување на воздушната одбрана на Украина „со сè што можат“.
„Затоа што најдобрата реконструкција е онаа што воопшто не мора да се случи“,
рече Шолц на почетокот на конференцијата што се одржа во Берлин, а на која присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Шолц укажа на можноста за далекусежни и долгорочни заложби за реконструкција во Украина која е сериозно оштетена од повеќе од двегодишната скапа војна. Канцеларот рече дека ќе се заложи за такви обврски на претстојниот самит на групата богати демократски земји Г7, што започнува во четврток во Италија.
Шолц истакна дека Светска банка проценува дека во следната деценија ќе бидат потребни 500 милијарди долари помош за обнова на Украина. Тој ги покани и приватните компании да учествуваат со инвестиции велејќи дека со оглед на размерите за кои овде зборува, мора да се додаде и приватниот капитал.
Стотици германски компании сè уште активно работат во Украина, а само автомобилските компании во Украина вработуваат околу 35 000 луѓе, нагласи Шолц.
И покрај војната, нема намалување на германските инвестиции во Украина, рече Шолц, а обемот на трговијата значително се зголеми откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.
„Сето ова ми покажува дека деловниот сектор е свесен за потенцијалот на Украина“,
рече Шолц.