Немавме проблем со комуналниот отпад и нема да имаме, состојбата е за еден ден, еден ден криза и ќе ја надминеме. Од утре состојбата ќе се воведе во нормала и сликите кои денеска беа споделувани на социјалните мрежи со преполни контејнери ќе бидат минато, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов во вечерашната емисија „Топ тема“.
Тој рече дека она што денеска се случило нема да се повтори за велигденските празници и покрај тридневниот полициски час.
„Во тек е интензивно подигање на комуналниот отпад во делови од градот и до вечерва состојбата ќе се стабилизира. До 18 часот беа подигнати околу 780 тони отпад, во споредба со 300 тони кои редовно се подигаат во Скопје во деновите од викенд“,
истакна Шилегов.
Тој рече дека веројатно се работи за погрешна проценка на „Комунална хигиена“ за овој викенд, сметајќи на тоа дека полициски час граѓаните нема да фрлаат ѓубре.
„Основната претпоставка беше дека сите ќе го почитуваме полицискиот час и затоа работевме во петокот и саботата, а не работевме во неделата, бидејќи очекувавме дека луѓето ќе го фрлат отпадот во понеделник изутрина.Таквата проценка повеќе нема да се повтори и од денеска подигнувањето на сметот ќе биде ставено во нормала“,
рече Шилегов.
Тој посочи дека голем дел од граѓаните најверојатно го искористиле полицискиот час за викендот за да ги исчистат своите домови пред Велигден и посочи дека денеска меѓудругото биле подигнати 173 стари фирижидери, многу стара облека, бојлери, вц школк,…
„Полицискиот час подразбира дека не треба да излезете и да го фрлите ѓубрето. Ние немавме проблем со комуналниот отпад и нема да имаме. Од вечерва редовно ќе почне да работи и третата смена во ‘Комунална хигиена’“,
рече Шилегов и додаде дека не очекува вакви слики да има во иднина.
Посочи дека и останатите општини во земјава викендов се соочиле со проблеми со комуналниот отпад поради 61-часовниот полициски час како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот.
Граѓаните денеска реагираа дека низ цело Скопје контејнерите се преполни, а комуналната служба не го собирала отпадот за време на полицискиот час кој изминатиот викенд беше од петокот од 16 часот до утрово до 05 часот. Од претпријатието за дел од медиумите рекоа дека поради полицискиот час, викендот работеле редуцирано, со скратено работно време во втората и со укината трета смена, и дека не можеле да постигнат повеќе.
Од МИОА демантираа дека тие се виновни што јавното претпријатие „Комуналец“ за време на викенд-полицискиот час не го собрало комуналниот смет низ Скопје. Како што појаснуваат оттаму, МИОА не е надлежно да издава дозволи во услови на ограничено движење на вработените и дека тоа се прави со најавување на 192.