Иако Скопје и Тирана се сериозно понапредни од многу европски центри во имплементацијата на урбаните политики, сега се заложници на примитивните политики од 19. век, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, алудирајќи на блокадата од Бугарија.
Тој неговиот став го изнесе на Скопскиот економски форум каде учествуваше на сесијата „Паметни градови, урбана мобилност и дигитални решенија во Северна Македонија“.

Ставот за бугарското вето тој го изнесе одговарајќи на прашање колку тоа ќе се одрази на понатамошниот развој на градовите во Македонија и Албанија.
„За жал, сме како градоначалници сме заложници на политики коишто се креирале или се креирани во 19. век, а чиишто последици ги чувствуваме сега, во 21. век. И мислам дека недозволиво е целиот регион на Западен Балкан, пред сè Северна Македонија и Албанија, да бидат заложници на примитивизмот во политиката“,
рече Шилегов.
Како градоначалник, рече тој, ќе бев многу посреќен ако во Софија се донесеше одлука да се изгради автопат до Скопје отколку да се донесе одлука Македонија и Албанија да бидат блокирани во евроинтеграциите.
„Ама ние ќе донесеме одлука да изградиме автопат меѓу Скопје и Тирана“,
рече Шилегов.