Во центарот на Скопје ќе има целосна промена на сообраќајниот режим со воведување на еднонасочен сообраќај, вели градоначалникот Петре Шилегов кој беше прашан да објасни како ќе се одвива сообраќајот откако претходно изјави дека улицата „Даме Груев“ (зад Собранието) нема да се проширува.
Шилегов вели дека ниту една промена нема да се случи наеднаш, туку тоа ќе се одвива паралелно со воведување на „Бас рапид системот“ (БРТ).
„Ќе имаме целосна промена на режимот во централното градско подрачје со еднонасочен сообраќај онака како што се одвива во цел свет, ќе имаме и работи кои ги работиме, веќе се завршени во проектирана смисла, остануваат само тендерите за јавни набавки ама сме во предизборието, па да не звучи дека премногу ветуваме заради изборите. Тоа е континуирана стратешка работа што јас како градоначалник ја имам воспоставено. Многу е важно дека тие процеси се паралелни односно каква било промена во сообраќајот ќе се одвива паралелно со имплементирањето на бас рапид транзитот. Значи до такви промени ќе дојде со неговата имплементацијата, нема предвреме да смениме нешто да не нанесеме проблеми во секојдневниот режим и функционирањето на луѓето. Како ќе го движиме БРТ така и целиот град ќе се смени на подобро“,
изјави Шилегов.
Проектот за БРТ предвидува две линии, една од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и друга од Кисела Вода до Бутел, а за таа цел беше подигнат кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).