Директорката на гимназијата „Никола Карев“ е разрешена откако на социјалните мрежи се појави видео во кое таа им се заканува на учениците кои денеска протестираа против загадувањето.
„Само вие протестирате и нема настава. За последиците не ви гарантирам“, им вели директорката на насобраните ученици.
Решението за разрешување го донесе градоначалникот Петре Шилегов веднаш по објавената снимка.
„Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во својата секојдневна работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму посочуваат дека правото на здрава животна средина е неприкосновено, исто како и правото да се протестира за него.
Снимката се појави на социјалните мрежи и предизвика голем број реакции во јавноста.
„Имаме здраво општество. Општество на граѓани кои остро се противат на поединци кои имаат проблем со демократијата, како што е фамозната директорка која се заканувала со последици врз учениците. Нема простор за закани, осуда за овој недемократски чин“, напиша националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец на својот фејсбук-профил.
„Доколку средношколците сметаат дека преку организиран протест ќе го привлечат вниманието на јавноста и институциите кон аерозагадувањето, тогаш тие треба да имаат можност без притисок, закани и опструкции да ги искористат своите права. Младински образовен форум го поддржува ученичкото организирање и се залага за исполнување на уставно загарантираните права, во овој случај на средношколците. Ние им стоиме на располагање на сите млади кои ќе се најдат во ситуација каде што интегритетот на нивните ученички права би бил загрозен“, велат од „Младинскиот образовен форум“, кои ги повикаа учениците да ги пријават притисоците уште пред неколку дена, кога за тоа имаше предупредувања.
Денеска во поголем дел од средните училишта во Скопје и во други градови слободно се протестираше. Средношколците со заштитни маски и транспаренти излегоа во училишните дворови со порака. „Нема воздух, нема мир!“.

За денеска во 17 часот пред Министерството за животна средина е закажан уште еден протестен марш против загадувањето – „Марш за нашите животи! СТОП за 3.500 жртви од загадениот воздух!“, кој ќе се одржи во организација на „Зелен фронт, зелена револуција“.
„Во исчекувања на првиот рок за исполнување од нашите над 100 барања – 31.12.2019, #ЗеленФронт на здружени над 40 граѓански движења, иницијативи, организира втор протестен марш, в петок, 20 декември. Остануваме на улиците за да ги потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт, кое не смее да чека повеќе ниту момент“, се вели во објавата за протестот.