Шидер нагласи дека на Македонија ѝ е потребна влада која ќе ги решава клучните проблеми и ги посочи членството во ЕУ, економските и социјалните, но и прашањата поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата
Северна Македонија е потребна во Европската Унија, но и сега е периодот кога ЕУ треба да направи сѐ преговорите да се остварат. Државата ќе има европска иднина само ако СДСМ биде избран на изборите и ако Стево Пендаровски стане претседател, е главната порака која денеска од Скопје ја испрати европратеникот и носител на листа на социјалдемократите во Австрија за изборите во ЕУ, Андреас Шидер, по средбата со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој рече дека очекувал сите политички партии во земјава да работат на европскиот сон, но, како што нагласи, воочил дека нема многу проевропски опции.

„Северна Македонија е потребна во Европската унија. Очекував сите политички партии да работат на европскиот сон, но од дискусиите тука, во земјата, воочив дека нема многу проевропски опции. Сега е периодот кога ЕУ треба да направи се преговорите да се остварат, но и Северна Македонија да има влада која ќе стори се преговорите да успеат. Пораката е јасна, ќе имаме заедничка европска иднина само ако вие бидете избрани и ако Стево Пендаровски стане претседател на државата“,
рече Шидер на заедничката прес-конференција со Ковачевски во партиското седиште на СДСМ.
Шидер нагласи дека на Македонија ѝ е потребна влада која ќе ги решава клучните проблеми, посочувајќи ги членството во ЕУ, економските и социјалните, но и прашањата поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Сигурен сум дека од 2024 до 2029 година земјава ќе има уште една прослава – за зачленувањето во ЕУ. Понекогаш решенијата не се лесни, не се лесни ниту одлуките, понекогаш е многу тешко да се најде мнозинство, особено ако опозицијата не е многу сериозна во справувањето со проблемите во земјата, но, сепак е најбитно дека е потребна влада која го воочува проблемот и која е подготвена да го реши, за да се подобрат условите за граѓаните и тоа го имаме видено тука во изминатите години. Патот кон ЕУ подразбира реформи, а дадени се многу препораки на тој пат. Кај СДСМ гледам највисок процент на покривање на овие области, додека кај другите гледам прашања кои се малку збунувачки за мене“,
истакна европратеникот.
Шидер се осврна и на датумите на изборите.
„Можеби случајно, но избравте многу интересни датуми за изборите. Следниот ден по вториот круг е 9 мај, денот кога беше усвоена Декларацијата на Шуман. Добро е да се разбуди човек наутро и да помисли на европската иднина на државата“,
порача Шидер.